Работилница за МСП на Нулта корупција

ws0702 

07.02.2007 Корупцијата е неминовна во општества каде владее мислење дека не може да се заврши ниту една работа без пријатели, политички интерес, непотизам и мито, рече Сузана Салиу од невладината организација Нулта корупција – Транспареност на денешната работилница организирана од оваа организација во рамки на проектот „Подобрување на корпоративниот менаџмент за нулта толеранција на корупцијата“.

Целта е, вели таа, да ги слушнеме денеска малите и средни претпријатија, со кои проблеми се соочуваат тие во својата работа и колку тие се сведоци на давање и примање поткуп, а потоа да се создаде етички кодекс на однесување чија доследна примена ќе даде позитивни резултати и во нивното  работење и во борбата за сузбивање на корупцијата.

На досегашните работилници спроведени во рамки на проектот со претставници од секторот трговијата и индустријата е посочено корупцијата најмногу се јавува во администрацијата, судството, катастарот, полицијата и царината. 

Финансирањето на партиите прв тест за антикорупционер

dkskon 

07.02.2007 Корупцијата во политиката и можностите за влијанија во различни сфери, следење на патот на парите од странските донации кои ги добиваат институциите, имотната состојба на именуваните и избраните функционери, како и објавувањето на податоците за нивните богатства на Интернет, се приоритетни задачи за новите антикорупционери. Вториот седумчлен волонтерски состав со петгодишен мандат, вчера, по минатонеделното изгласување во парламентот и положувањето на заклетвата, официјално ја презеде должноста од нивните претходници. Во екипата ќе работат Илми Селами, Ариф Муса, Цветко Мојсовски, Зоран Додевски, Мирјана Димовска, Љубинка Муратовска-Марковска и Мане Колев.

„Прашањето околу финансирањето на политичките партии во кампањата за последните парламентарни избори е активирано. Знаеме до каде се дојдени работите. Оценуваме дека токму тоа е подрачјето каде што и во иднина треба да ја насочиме нашата енергија“, изјави Мирјана Димовска, членка на Антикорупциската комисија. Таа предочи дека „недостига повисок степен за сензибилизација на сериозниот проблем со корупцијата“, особено поради фактот што Македонија е рангирана на високо место по степен на корупција. Антикорупционерите веќе ги добиле материјалите за изборната кампања на партиите на кои работела поранешната екипа.
 

Телевизиите црни донатори на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

election2006 

06.02.2007  Партиите, пред се', СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и телевизиите најмногу ги прекршиле Изборниот законик и Законот за политичките партии на последните парламентарни избори, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдиле дека телевизиите им наплатувале на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ поевтино отколку што пријавиле во Советот за радиодифузија. Разликата помеѓу цените пријавени во Советот и фактурираните за рекламирање на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на националните електронски медиуми е 2,1 милиони евра. Врз основа на Законот за финансирањето, ДЗР ја пресметува оваа сума како донација на партиите добиена од телевизиите.

Според ревизорите, телевизиите го прекршиле Изборниот законик бидејќи фирма не смее да и' донира повеќе од 20.000 евра на партија. Двете партии со примањето на донациите го надминале законски дозволениот износ од 1.7 милион евра што можат да го потрошат за предизборна кампања.