Степенот на корупција во Македонија и натаму висок

ws2504one 

25.04.2007 Степенот на корупција во Македонија и понатаму е висок, а за таквата ситуација најмногу придонесува зависноста и неефикасноста на судовите.

Ова на денешната работилница на „Нулта корупција“ го изјави координаторот од централата на „Транспаренси интернешнл“ во Берлин, Јана Митермаер, која престојува во мониторинг мисија на невладините организации во државава.

„Корупцијата е сериозен проблем во Македонија, што значи дека борбата против оваа појава треба да продолжи“, рече Митермаер, притоа изразувајќи подршка за работата на „Нулта корупција“.
ws2504one2
Изјавата на претставничката на „Транспаренси интернешнл“ за југоисточна Европа и Азија, позитивно ја оцени претседателката на Програмскиот совет на „Нулта корупција“ Слаѓана Тасева, изразувајќи надеж дека организацијата во најскоро иднина повторно ќе се врати во рамките на „Транспаренси интернешнл“.

Учесниците на денешната работилница посветена на корупцијата во приватниот и јавниот сектор, како најголем проблем ја посочија корупцијата при јавните набавки. 

„Од спроведените ревизорски извештаи се заклучува дека Македонија е богата држава, но, проблемот е што парите се трошат нерационално“, изјави главниот државен ревизор Драгољуб Арсовски, посочувајќи дека најранлива област се јавните набавки во здравството.