Специјализирана дирекција ќе менаџира со конфискуван имот

court-wall

27.07.2007  Специјализирана дирекција ќе менаџира со конфискуван имот се' до завршување на кривична, управна и царинска постапка. Оваа посебна организациона единица во Министерството за правда ќе треба да реши што понатаму со запленетото и како да се задржи неговата вредност за идна, можна конфискација. Вакви системи, развиени до перфекција, постојат во некои европски држави, како што се Холандија или Велика Британија.

„На првата наредна седница Владата треба да визира закон што ќе ги расчисти сите дилеми околу управувањето со одземен имот во постапка за конфискација“, најавува министерот за правда, Михајло Маневски. Не откривајќи повеќе детали, тој вели дека запленетите предмети, како на пример, возила или техника, во иднина ќе се чуваат на едно место во државата, во централно депо лоцирано близу Идризово.

Во Македонија се донесуваат решенија за конфискација на имот, но нема кој да ги спроведе. Веројатно, овој закон ќе биде основа државата да почне да стопанисува со замрзнат имот, без разлика дали станува збор за луксузни вили или за објекти на пропаднати компании.