08.12/.2006 Борбата против корупцијата и преку воведување на анти-корупциски програми во основните училишта, е основната определба на новата невладина организација, предводена од Слаѓана Тасева и Мето Јовановски.
Организацијата која во јавноста ќе го употребува името „Нулта корупција“, е нова невладина организација која произлезе од распаднатата „Транспарентност Македонија“, откако на нелегален начин за нејзин претседател беше именуван Сашо Орданоски Програмите и определбите на организацијата беа промовирани денеска во Скопје, при што беше нагласено дека организацијата не е членка на меѓународното движење „Transparency Internatiоnаl“, но дека има намера што поскоро да стане дел од семејството на угледната меѓународна организација. Претседателот на организацијата Мето Јовановски истакна дека „организацијата ќе настојува да ги задоволи сите критериуми за да стане полноправна членка на „Transparency Internatioanl“. „Ние се надеваме дека тоа ќе го постигнеме, бидејќи кај нас постои решеност да се посветиме што поцелосно на борбата против корупцијата“, додаде Јовановски.
|
Според изготвената краткорочна програма, „Нулта корупција“ ќе продолжи со активностите за имплементирање на заложбите на Декларацијата „Нула толеранција за корупцијата“, што минатата година, на 9.декември беше потпишана од највисоките претставници на државната власт, на бизнис секторот, на други невладини организации, а ја доби и поддршката од норвешката Влада. Покрај овие проекти, „Нулта корупција“ ќе работи и на реализација на своите основни програмски активности кои се состојат во „воведување на анти-корупциски програми во основните училишта, добро корпоративно управување и развивање на етички кодекс за приватниот сектор, мониторинг над имплементирањето на анти-корупциските стратегии и меѓународни стандарди, мерките за превенција и контрола над можностите за корупција во сферата на медиумите, како и други проекти поврзани со владеењето на правото и доброто управување“. „Сметаме дека прашањето за културата на законот, од аспект на воспоставување на владеење на правото, треба да се симне на ниво на најмладите во оваа држава“, истакна претседателот на програмскиот совет на организацијата Слаѓана Тасева, укажувајќи на потребата од воведување на анти – корупциски програми во основните училишта, што ќе биде една и од главните цели и определби на „Нулта Корупција“. Претседателот Јовановски смета дека „корупцијата и криминалот се својствени на пазарната економија“, и најави бескрајно долга борба против таа негативна појава во општеството. |