24.01.2007 Приватниот сектор мора да се справи со поткупот. Домашните стопанственици вчера беа повикани да ги почитуваат меѓународните деловни принципи за справување со поткупот, да овозможат пристап до информации и активно да се вклучат во политиката за заштита на луѓе што ќе обелоденат случаи на корупција. За ова се зборуваше на работилницата „Подобрување на корпоративниот менаџмент за нулта толеранција – трговија“, која ја организира невладината организација „Нулта корупција“ во соработка со стопанските комори во македонија. – По 16 години транзиција Македонија се' уште се соочува со висок степен на корупција, што се ефектуира на многу аспекти од социјалниот, политичкиот и економскиот живот – рече потпретседателката на „Нулта корупција“, Сузана Салиу. |
Според професорката Антонија Јосифовска, сите економски показатели во земјава се многу лоши во однос на соседните земји. – Корупцијата, која зафаќа голем замав во јавниот и приватниот сектор, е главна причина за ваквата состојба – оцени таа. Професорот Горан Коевски смета дека покрај големите компании на корупција значително се подложни и малите и средните претпријатија. – Наметнувањето кодекс на однесување во приватниот сектор практично значи да се зголеми општествената одговорност кај компаниите наспроти нивните амбиции за остварување профит – порача тој. „Нулта корупција“ предвидува до јуни годинава да одржи осум работилници на слични теми, по што ќе биде подготвен кодекс за етичко однесување на фирмите. Компаниите што годишно ќе покажат најдобри резултати во корпоративното управување ќе добијат посебни сертификати.
Извор: Дневник |