14.02.2007 Нетранспарентност за трошоците на кампања на Владата и успешно спречување на поткуп и измама во процес на денационализација, се случаите што оставија белег во јануари годинава, во поглед на можностите за корупција и борбата против. Овие два настана добија најмногу гласа во редовната месечна анкета „Барометар на корупцијата“, што ја спроведуваат НВО „Нулта корупција“ и Независната новинска агенција Макфакс, а во која учествуваа 17 главни уредници на национални електронски и печатени медиуми во Македонија. „Акцијата на Владата (кампањата „Инвестирајте во Македонија“), што од повеќето новинари и експерти беше оценета како добра и неопходна, е ’заматена’ со одговорот на Премиерот дека кампањата ’ќе чини помалку од еден отсто’ од првата инвестиција. Бидејќи постојат апроксимации дека станува збор за неколку милиони евра, Владата постапува нетранспарентно кога од, најверојатно, политички и прагматични причини, се решава да не ја соопшти сумата“. Со вакво образложение се согласија 8 од главните уредници што учествуваа во анкетата. |
Втор „матен“ настан за јануари, со 6 гласа „за“ од уредниците, е скандалот што се случуваше во Фудбалската федерација на Македонија, додека на трето и четврто место се пласираа малверзациите што се правеле во „Македонски пошти“, а за што потврда дојде и од Државниот завод за ревизија, како и однесувањето на претходната Влада во врска со случајот со продажбата на фабриката „Сувенир“ од Самоков. Како настан што ја одбележа борбата против корупцијата, уредниците со 9 гласа го одбраа случајот на успешно спречување на поткуп и измама при процес на денационализација во Струмица. Станува збор за советник и член на Комисијата за решавање на предмети за денационализација во Одделението за имотно правни односи, кој е осомничен дека преку корупција и измами заработил најмалку 120 илјади евра. Случајот го откри МВР и сега е во постапка пред судските органи. Во рубриката „бистри“ на второ и трето место се пласираа предлозите за докажана оправданост за постење на Државната комисија за спречување на корупцијата, која во јануари го заврши првиот круг од четиригодишното делување, како и проактивната борба на МВР во борбата против корупцијата, бидејќи овој државен орган веќе постапува по изготвена и усвоена Антикорупциска програма. Анкетата „Барометар на корупцијата“ се спроведува месечно од декември 2004 и во неа учествуваат главни уредници на национални медиуми. Во оваа анкетата за јануари учествуваа главните уредници на: А1, Алсат –М, Канал 5, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Факти, и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на „Лоби“.
|