14.02.2007 Бизнис-заедницата е незадоволна од бавното водење на стечајните и на другите судски постапки, на начините на решавање на должничко-доверителските односи и на стопанските спорови. Бизнисмените вчера прв пат седнаа на заедничка маса со претставници на судската власт за директно да проговорат за актуелните проблеми што ги притискаат во секојдневното работење, а кои произлегуваат од контактите со судските органи при спроведување на стопанската регулатива. Истовремено, тие сакаа да слушнат од судските претставници за текот на реформите во судството и нивната практична примена врз водењето бизнис. „Укажувањата и иницијативите од бизнисмените, како и заедничката комуникација, се од големо значење за нас. Добро би било отсега да практикуваме нивно вклучување во подготовката на законските текстови, бидејќи е јасно дека само ефикасен судски систем е во функција на менаџментот и развојот на бизнисот“, изјави министерот за правда, Михајло Маневски, на вчерашната средба меѓу претставниците на судската власт и стопанствениците, што ја организира Стопанската комора на Македонија. |
Бизнисмените на средбата проговорија за своите проблеми. Сопственикот на „Македонија дрво“ се пожали дека седум години води судски спор поради тоа што при купувањето на фирмата, при што вложил 800 илјади евра, му биле подметнати фалсификувани документи. Тој коментира дека процесот не може да се реши затоа што во него се замешани криминални дејства на судии, обвинители, нотари и адвокати. Мирко Здравевски, пак, директор во „Вардар осигурување“, потсети дека годишно се поднесуваат околу 2,5 илјади тужби за наплата на штета, за што се трошат околу 5 милиони евра за наплата на такси. Притоа, постојат реакциите, бидејќи не се применува единствен тарифник, туку секој суд наплатува различна цена за трошоци за такса, за осигурување, за премии и слично. Тоше Патриотов од „Струмица табак“ реагира на должината на судските постапки и на фактот што нема поделба меѓу стопанските со другите спорови. „Долгите стопански спорови се смрт за стопанството, како и самоволието на стечајните управници при водењето на постапките. Итно треба да се формираат посебни судови за спорови, со оглед на значењето и обемноста на споровите“, рече тој. Министерот Маневски информира дека со реформите во судството, односно со повеќето законски измени што претстојат, треба да се постигне скусување на долгите постапки и отстранување на недостатоците при нивно водење. Недозволиво е, според Маневски, тоа што има уште стечајни постапки кои се водат од 1994 година или такви што траат по 5, 6 или рекордни 8 години, додека не се раскрчми докрај се' што е вредно во фирмата. „Таквиот начин на работење на судовите треба да биде заборавен. Од првостепено значење е да донесеме решение за завршување на долгите стечаи, како што е со велешка Топилница и со ’Газела‘“, рече Маневски.
Извор: Утрински весник |