19.02.2007 Извештаите во кои Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил незаконско финансиско работење на партиите на парламентарните избори, се испратени до министерствата за финансии и за правда и до антикорупциската комисија. Ова го потврди портпаролот на ДЗР, Мијалче Дургутов. Државните ревизори во извештајот за финансиското работење на партиите утврдија дека телевизиите донирале милионски суми евра на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ без да платат данок, а партиите неколкукратно повеќе потрошиле пари од законски дозволеното. И покрај констатираното незаконско работење на партиите, надлежните органи одбиваат да преземат мерки. Државните ревизори во извештајот упатуваат дека Управата за јавни приходи (УЈП) треба да преземе мерки и да го наплати данокот од телевизиите. Според ДЗР, разликата меѓу пријавените цени за рекламирање во Советот за радиодифузија и фактурираните, ДЗР им го пресметува на партиите како приход остварен како донација од електронските медиуми за кои треба телевизиите да платат данок на државата. Во УЈП велат дека не можат да постапуваат се' додека извештајот не го добијат на своја адреса. Во ДЗР објаснуваат дека го испратиле до Министерството за финансии, кое треба да го препрати до УЈП, која, пак, е под нивна надлежност. Во Министерството за финансии потврдија дека го добиле извештајот и сметаат дека нема потреба да им го препраќаат зашто документот е јавен и е истакнат на интернет-страницата на ДЗР и дека раководството на УЈП треба да постапува без да чека курири. |
И во Државната изборна комисија (ДИК) велат дека е потребно официјално да го добијат извештајот за евентуално да поведат прекршочна постапка пред судовите за четири до пет пати повеќе потрошените пари од законски дозволените 1,7 милион евра. – ДИК може да поведе прекршочна постапка откако ќе го добиеме извештајот од ДЗР. Не можеме да постапуваме врз основа на информациите од медиумите – изјави Зоран Таневски, портпарол на ДИК. Дургутов вели дека за надлежните органи не може причина за непостапување да биде неиспратен документ. – Штом е објавен на интернет-страницата, извештајот е официјален. Ако некој инсистира да му го испратиме по пошта, тоа е најмал проблем – изјави Дургутов. Претседателката на антикорупциската комисија Мирјана Димова немала време да каже што ќе преземе комисијата по извештајот. Причината била презафатеноста со состаноци во МТВ, каде што таа е одговорен уредник на првиот програмски сервис.
Извор: Дневник |