20.02.2007 Новиот Судски совет има амбиција да ја скенира комплетната состојба во судството и да направи нова систематизација на работните места во третата власт. Предмет на проверка ќе биде работата на сите судии во државата и тоа не само за последната година туку во изминативе шест години. Досието на секој судија ќе се полни со податоци околу бројот на решени стари и нови предмети, но и со сознанија за укинатите и потврдени пресуди од повисоките судови. Новото судско тело во чии раце премина комплетниот избор и разрешување, но и напредувањето на судиите, од претседателите на сите судови во државата веќе побарало да достават податоци околу потребниот број судии, стручни соработници и поротници и за моменталните испразнети судиски места. Потребата од една ваква иницијатива произлегува од новата законска регулатива, со која се предвиде формирање нов управен суд, апелационен суд во Гостивар, пет специјални одделенија за организиран криминал, намалување на надлежностите на неколку суда и трансформирање на Основниот суд Скопје 1 во кривичен, а на Основниот суд Скопје 2 во граѓански суд. |
„Новиот судски совет, иако не е докрај комплетиран, сепак, се зафати со оваа сложена работа, бидејќи не' притискаат роковите и обврските што произлегуваат од Законот“, вели Бекир Исени, претседател на Судскиот совет. И покрај тоа што целата оваа обемна операција требало да заврши до крајот на овој месец, тој е свесен дека ќе мора да дојде до извесно пролонгирање и пробивање на рокот, бидејќи се очекува сите извештаи да се добијат до крајот на март. Досегашниот начин на функционирање на судовите покажало дека одделни судови и судии се комотни во работата, за сметка на други, кои се преоптоварени со работа и со високи норми. Диспропорцијата во предмети довела до тоа некои судови, и покрај големиот број решени стари и нови предмети, сепак, и натаму остануваат неажурни и неефикасни. Од раководителите на судските институции било побарано да спроведат и своевидна анкета меѓу судиите околу тоа дали тие и натаму остануваат на истата материја што ја работеле досега, или имаат потреба или афинитет да се ангажираат на нешто друго. Сепак, ваквиот „список на желби“ нема да биде неограничен, бидејќи во крајна линија ќе зафати од потребите на секој суд. „Она што најургентно треба да се направи е целосно ’снимање‘ на состојбите во двата скопски суда, кои треба да се специјализираат за посебен вид предмети. Очекуваме најдоцна за 10 дена да добиеме прецизни параметри за вкупните потреби на овие два суда. Првичните информации говорат дека скопска ’единица‘ работи со оптималниот број судски места, додека скопска ’двојка‘ инсистира на зголемување на бројот на судии со уште 30 нови“, појаснува Исеини. Тој вели дека овие и сите други извештаи внимателно ќе се разгледаат и ќе се оцени реалната потреба на секој од нив. По утврдувањето на точниот број судии и поротници, за ова писмено ќе се извести Академијата за обука на судии и обвинители за да можат да ја направат програмата за обука на првата генерација потенцијални делители на правдата.
Извор: Утрински весник |