22.02.2007 Имотната состојба на министрите, пратениците, директорите и другите носители на јавни функции и понатаму се тајна за јавноста. Државната комисија за спречување на корупцијата од технички причини не може на Интернет да ги објави податоците за тоа колку се богати функционерите. – Не сме подготвени технички да поддржиме објавување на анкетните листови на интернет-страницата. На тој проблем интензивно работиме. Покрај тоа, уште собираме изјави за согласност од функционерите дека дозволуваат да се објави нивната имотна состојба – велат во комисијата. Антикорупциската комисија е единствена институција на која функционерите се обврзани да и дадат податоци за становите, куќите, автомобилите, банкарските сметки и другиот имот што го имаат тие и членовите на нивните потесни семејства. Министрите, пратениците, судиите, градоначалниците, директори на јавни претпријатија и другите избрани и именувани функционери мора да дадат отчет за имотот и кога ќе стапат на функција и кога ќе си одат од таму. Комисијата е должна да ги заштити нивните лични податоци ако некој го побара тоа. |
Обелоденувањето на имотните листови досега е по желба на партиите што ја освојуваат власта. По изборите, ВМРО – ДПМНЕ на партиската веб-страница објави колку се богати премиерот, министрите и пратениците од оваа партија. Слично направи и СДСМ по минатите парламентарни избори.
Со новите измени во законот за антикорупција, антикорупциската комисија добива право да ја објавува имотната состојба на функционерите и да ги казнува прекршувањата на законот. Неодамна беше поднесен предлог прекршочно да се гонат 12 функционери од минатата власт, кои по заминувањето од функција не пополниле имотни листови. Беа посочени Миле Зечевиќ, поранешен директор на УБК, Владимир Наумовски, поранешен директор на Агенцијата против перење пари, Ромил Санџаковски, порано прв човек на Бирото за лекови и уште неколку поранешни функционери. Поради сомневање дека не го пријавувале новостекнатиот имот и не плаќале данок, Управата за јавни приходи деновиве ја преиспитува имотната состојба на шеесетина сегашни и поранешни функционери. Извор: Време |