08.03.2007 Владата генерално ги почитува човековите права на своите граѓани, сепак, во некои области постојат проблеми. Полициското малтретирање осомничени лица и натаму претставува проблем, а има и тврдења за полициско вознемирување на етничките малцинства, особено на припадниците на ромската заедница, вели американскиот Стејт департмент во делот за Македонија во својот извештај за состојбата на човековите права во 2006. Корупцијата и политичкиот притисок во министерствата за внатрешни работи и за правда, судовите и Канцеларијата на јавниот обвинител ја спречија истрагата за некои тврдења за злоупотреба на човековите права и процесот на изведување пред суд на обвинетите. Земјата и натаму е транзитна и дестинација за жртвите на трговија со луѓе, за сексуално искористување и работа. Општествената дискриминација кон етничките малцинства, особено Ромите, и натаму претставува проблем, се вели во извештајот. |
„На 3 февруари Апелациониот суд од Скопје ја потврди пресудата на судот од Скопје од април 2005 година, со која беа ослободени четири лица – тројца поранешни полицајци и еден бизнисмен – вмешани во случајот „Раштански Лозја“, вклучувајќи го и убиството на седум илегални имигранти од Јужна Азија од страна на полицијата во 2002 година. Пресудата и судската постапка наидоа на општи критики кај јавноста, судските претставници и меѓународните експерти“, се нагласува во извештајот. Меѓународните посматрачи и локалните невладини организации ја наведоа корупцијата во Министерството за внатрешни работи како континуиран проблем во ефективно спречување на криминалот, посебно организираниот криминал. Меѓународните организации ги фокусираа нивните напори на полициските реформи и обука за да се професионализира Министерството и да се помогне во борбата против корупцијата. Уставот предвидува слобода на религија, а Владата генерално го почитува тоа право во практика; сепак законот поставува некои ограничувања за верските обичаи, со ограничување на отворањето места за верски служби. Стејт департментот го наведува случајот на т.н. охридска архиепископија на Јован Вранишковски. Во ноември 2005 година Врховниот суд ја отфрли жалбата на „православната охридска архиепископија“, приврзаник на Српската православна црква. Иако не е потребна дозвола или одобрување за извршување верски ритуали во приватна куќа, припадниците на „православната охридска архиепископија“ пријавија дека полицијата ја прекинала верската служба во април 2005 година во приватен стан во Драчево и побарала од верниците да се легитимираат. Корупцијата е значаен проблем во извршните, законодавните и судските разграноци на Владата. Посебна загриженост се примерите за корупција во полицијата и во судскиот систем, нагласува Стејт департментот. Во извештајот се наведува случајот со бачилото на Иснифарис Џемаили, како и измамите со денационализираните земјишта. Иако меѓуетничките односи останаа напнати, испитувањето спроведено во октомври 2005 година покажа дека 86 отсто етнички Албанци имале поволно мислење за етничките Македонци, што е зголемување од 17 процентуални поени во однос на претходното испитување спроведено во мај 2005 година. Сепак, постои опаѓање во процентот на етничките Македонци кои имаат поволно мислење за етничките Албанци во истиот период, од 57 на 48 проценти. Етничките Турци се жалат на владина, социјална и културна дискриминација. Нивната главна загриженост е фокусирана на бавниот напредок во постигнување правична застапеност во владините институции, отсуството на општини со турско мнозинство во создавањето општински окрузи во 2004 година, и недостиг од образование и медиуми на турски јазик. Ромите се жалат на општа етничка дискриминација. Ромите имаат највисока стапка на невработеност и најниски лични и семејни приходи, тие се најмалку едуцирани и имаат највисоки стапки на морталитет од која било етничка група во земјата, се вели во извештајот на Стејт департментот за човековите права во Македонија.
Извор:Утрински весник |