15.03.2007 Секретаријатот за европски прашања (СЕП) при македонската Влада денеска го промовираше проектот „Антикорупциски мерки“, финансиран од страна на Владата на Кралството Норвешка. „За да се привлечат странски инвестиции, потребна е транспарентна борба против корупцијата. Транспарентната влада може да им донесе многу добра на луѓето. Граѓаните мора да и веруваат на Владата, односно да знаат дека никој не може да влијае врз нејзината работа“, рече на денешната промоција на проектот Нилс Рагнар Камсваг, заменик генерален директор во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Тој додава дека транспарентноста и борбата против корупцијата се важни и за евроатланските процеси. „Ние ги поддржуваме проектите во Македонија за да се осигураме дека македонската влада учествува во ова и ги прави сите работи потранспарентни. Посебно е важно што ваквите проекти се поттикнувани од македонската влада“, вели Камсваг. Според него, оваа година е намалена помошта што Кралството Норвешка ја дава на балканските држави, вклучително и Македонија, што е доказ дека „веќе има многу прогрес во регионот и дека средства се потребни и на другите земји“. |
Од своја страна, од Секретаријатот за европски прашања сметаат дека добро во овој проект е што е тој на микро ниво, односно во делот каде што се среќаваат државните институции и граѓаните и каде што постои можност за појава на корупција. Имплементатор на овој проект за борба против корупцијата е СЕП, во соработка со Агенцијата за вработување, Центрите за социјална работа, Државната комисија за спречување на корупција, НВО Транспарентност Нулта толеранција, како и два државни Универзитета. Проектот „Антикорупциски мерки“ ќе се содржи од три компоненти. Во првата компонента се предвидува обука на вработените во Агенцијата за вработување, Центрите за социјална работа и вработените во Универзитетите, односно онаму каде што граѓаните директно доаѓаат во контакт со службениците од овие институции. „Ќе се стремиме да се подигне нивото на свеста на граѓаните за можностите од појава на корупција, како тие можат да ја намалат со свои дејствија, упатување на бесплатните линии за појава на корупција, како и сознание за своите законски права во овој домен“, вели Џенк Сејфула, раководител на сектор во СЕП. Втора компонента на овој проект ќе биде подигање на свеста на населението преку медиумите. Третата компонента е во однос на следењето, или еден вид јавен мониторинг на она што го прават државните институции. Во целиот проект ќе биде вклучена и Државната комисија за спречување на корупција која ќе има обврска во текот на една година да ги следи институциите во однос на спроведување на антикорупциските мерки.
Извор: Макфакс |