23.03.2007 Стотици милиони долари со сомнително потекло како директни странски инвестиции вложиле Кипар, Холандските Антили, Британските Девствени Острови, Сент Винсент и Гренадини и повеќе карипски острови-држави во изминатава декада во Македонија. Само од 1997 година досега од егзотичните држави познати по либералната даночна власт и никаква контрола за потеклото на капиталот што се вложува во тамошните банки во земјава влегле безмалку 160 милиони долари. Се купувале акции во постојни компании, се инвестирале пари во услужната дејност, во недвижнини и помала стапка во производствени капацитети. |
Највисока стапка на странски инвестиции во земјава има во 2001 година, околу 445 милиони долари и во 2006 околу 359 милиони долари. Ако при тоа се знае дека поголем дел од овие суми отпаѓаат на продажбите на телекомот на унгарски „Матав“ и продажбата на „ЕСМ-дистрибуција“ на австриски „ЕВН“, тогаш станува очигледно дека голем дел од околу 1,7 милијарди долари, колку што се вложени во земјава од осамостојувањето, доаѓаат од земји што во светот се познати како сигурно прибежиште за сомнителен капитал. Извор : Време |