10.04.2007 Банкарите заедно со невладината организација „Нулта корупција – транспарентност“ денеска расправаат за корупцијата со цел да идентификуваат формите и начинот на справување со облиците на корупција. Работилницата се одржува во рамки на Проектот „Подобрување на корпоративниот менаџмент за 0 толеранција на корупцијата“ од кој треба да произлезе унифициран или пак кодекс на однесување за секоја област пооделно.
Според Слаѓана Тасева од „Нулта корупција – транспарентност“ иако во банкарскиот сектор постојат најголем број инструменти за обезбедување корпоративно управување и има етички кодекси сепак треба тие подлабоко да се утврдат.
|
– Етички кодекси некои од банките имаат, но прашање е колку тие се однесуваат според утврдените правила и колку го применуваат во пракса, истакна Горан Коевски од Правниот факултет кој смета дека во банкарскиот сектор во Македонија постои висока одговорност која е во сферата на моралното.
Во расправата, како што рече тој, треба да се видат односите внатре меѓу банките, причините за појава на корупцијата, односите со потрошувачите и потоа да се бараат облиците на корупцијата. Банкарите ќе треба своите мислења да ги достават до невладината организација со цел, како што рече Антонија Јосифовска од Факултетот за бизнис и економија да може да се изгради кодексот кој ќе треба заеднички и со другите сектори опфатени во Проектот да се потпише во јули годинава.
Во рамки на проектот се одржани четири работилници во кои како точки на корупцијата беа посочени катастарот, економијата и градежништвото, а целта е приватниот сектор да прифати етички кодекс и да им оддаде признание на оние компании кои доследно го практикуваат. Работилниците се една од активностите за поттикнување на ефикасна имплементација на потпишаната Декларација за 0 толеранција за корупцијата во декември 2005 година од страна на претставници од извршната и законодавната власт, на стопанскиот и приватниот сектор, јавнито и политичкиот живот, универзитетите, граѓанскиот сектор и медиумите.
Извор: МИА |