12.04.2007 Вкупно 44 години казна затвор пресуди денеска Судскиот совет од Основниот суд Скопје 2 со кој претседаваше судијката Лилјана Ивановска-Шопова за 21 обвинети за случајот „Бачило“. Највисока казна затвор од 14 години доби првообвинетиот, нотарот Никола Стојменовиќ, додека овчарот Иснифарис Џемаили е осуден на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци. Тригодишна затворска казна им е изречена на адвокатката Ленче Димчевска, пензионерот Ордан Милановски, поранешениот заменик министер за економија Саша Андоновски, поранешната раководителка во Катастарот Емилија Алексовска и нотарите Гордана Ракочевиќ и Михаил Ќосев. |
По две години казна затвор добија ветеринарот Муамер Арифи и полицаецот Душан Стојанов, а затворска казна од две години и шест месеци доби автомеханичарот Спасе Димов. На 4 месеци и 13 дена затвор осудени се Гроздана Манасијевска и Сашо Славковиќ. Борка Спасојевиќ, Томислав Трајковски, Зоран Велковски, Тодора Милановска, Светлана Симоновска, Мирко Николов, Миле Наумчески и Крсте Иловски се осудени условно на една година затвор. Судот ја укина мерката притвор за сите обвинети, освен за нотарот Стојменовиќ. Во корист на државата, од обвинетите се одземаат околу два милиони евра, но и целокупното земјиште кое било предмет на денационализација. Дел од адвокатите на обвинетите најавија жалби до Апелациониот суд. Судскиот процес за случајот “Бачило” беше завршен за најкратко време во историјата на македонското судство. Судењето траеше секојдневно, а од обвинение беше ослободен само Радослав Смилчевски, поранешниот член на второстепената владина комисија за денационализација.
Извор: Макфакс |