19.04.2007 Дали замислата на реформите во судството е правдата да им стане недостапна на граѓаните, тие да прават непотребни трошоци и да мора да патуваат и по стотина километри за да дојдат до судовите? Дали треба дополнително да ги оптоваруваме оние судови кои и без тоа се многу неажурни, а другите кои се квалитетни, ефикасни и свртени кон Европа да ги претвораме во селски судови? Овие дилеми јавно ги поставија првите луѓе на основните судови во Кавадарци, Гевгелија, Кичево и Крива Паланка, кои се иницијатори на законските измени на враќање на проширената надлежност на овие судови. Коментарот на Министерството за правда беше дека овој проект е направен за време на претходната влада, но се' уште е рано да се прават корекции на Законот за судови, бидејќи од имплементацијата се поминати едвај три месеци. Надлежноста на судовите предвидена со новиот Закон за судовите, нивното работење и подготовка на извештаи, како и менаџирањето, транспарентноста, ефикасноста и ажурноста на судовите, беа темите на вчерашната тркалезна маса организирана од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Тригодишниот проект, како што истакна Владимир Милчин од ФИООМ, спроведува анализа на потенцијалот за добро владеење во економијата, локалната самоуправа, образованието, социјалните прашања, мониторингот на менаџментот на јавните пари. |
Претставникот од Европската комисија, Патрик Паке, нагласи дека дебатата се одржува во многу суштински момент во поглед на спроведувањето на законите што ги следат измените на Уставот и што го трасираат патот за реформи на судството. „Европска комисија, кога ќе дојде до оценувањето, нема да го разгледува само законодавниот процес туку и нивното спроведување“, додаде Паке. Професорката од Правниот факултет, Гордана Лажетиќ-Бужаровска, нагласи дека реформата во правосудството не трпи теорија, туку мора да се заснова исклучиво на предлозите од судиите. Таа рече дека проблемите со надлежноста на судовите е прашање на кое треба да се стави акцент, односно да се лоцира ефикасноста на донесените решенија. Претседателот на Основниот суд од Кавадарци, Лазар Нанев, рече дека одземањето на проширената надлежност на трите суда е контрапродуктивно и нема да доведе до забрзување на постапките. Тој притоа посочи бројки на малолетнички, кривични, стопански, стечајни и граѓански предмети кои на годишно ниво ги имаат трите суда, а кои со новиот Закон за судови преоѓаат во надлежноста на други судови. Според заменик-министерот за правда, Сашо Василевски, ако во овој момент се пристапи кон измени на Законот за судовите, би било несериозно, затоа што тој се имплементира само неколку месеци. Љубен Алексиевски од Судскиот совет смета дека судовите во Кавадарци, Гевгелија и во Кичево треба да останат со проширена надлежност, во што беше поддржан и од претседателката на кичевскиот Основен суд.
Извор: Утрински весник |