20.04.2007 Судскиот совет на вчерашната седница го разреши Неџат Мемеди, судија од Основниот суд во Гостивар поради утврдена одговорност во неговото рботење. Тој ја скинал пресудата донесена од друг судија од истиот суд и напишал нова во која одлучил да му го врати возилото на неговиот пријател, кое претходно било одзедено во судска постапка со пресуда. За постапката на судијата веќе е покрената кривична и дисциплинска постапка. Ќе одговара за злоупотреба на службената положба и уништување на јавни исправи. Судскиот совет вчера донел одлука за негово разрешување откако тоа го побарале судовите за да можат да поведат судска постапка против него. За кривичната одговорност на гостиварскиот судија Мемеди ќе одлучува Основниот суд Скопје 1. Ваква одлука неодамна донесе Апелациониот суд во Скопје. Тој реши ја префрли надлежноста во скопска единица затоа што станува збор за судија од Гостивар и не може да му судат во судии колеги во судот во кој работел.
Инаку, возилото на жител на Гостивар му било одземено по поднесена пријава од страна на полицијата за сторен царински прекршок. Судија за прекршоци од гостиварскиот суд го одзел возилото, но Мемеди за да му помогне на неговиот пријател отишол во судското одделение, го зел веќе пресудениот предмет и си напишал нова пресуда. |
Претседателот на Судскиот Совет Беќир Исеини вчера потврди дека бил разрешен еден судија од Основен суд поради злоупотреба на службена должност. Покрај разрешениот судија, членовите на Судскиот совет повеле постапка и за судијата од велешкиот суд Благој Анѓушев кој не законски му го додели Офицерскиот дом во Велес на сограѓанинот Кољо Мечкаров.
Судскиот совет на вчерашната седница донел и одлука за престанок на работата на еден судија од Основниот суд во Виница заради исполнување на условите за заминување во пензија. Со ова, вели Исеини , судот во Виница останува со само двајца судии. Поради тоа, во најбрз рок ќе мора да биде извршено делегирање на судии од околните места. Во спротивно, судот би работел во многу отежнати услови, смета првиот човек на Судскиот совет.
Извор: Вечер |