09.05.2007 Постапките на Јавното обвинителството (ЈО) на Македонија во случаите Томчаки компани и доктор Докиќ се најматен настан во април годинава во сферата на корупција-антикорупција. Ова го покажаа редовната месечна анкета „Барометар на корупцијата“, што ја спроведуваат невладината организација „Нулта корупција“ и Независната новинска агенција Макфакс, а во која гласаат уредници на национални медиуми во Македонија. Според нивна оценка најпозитивен настан во борбата против корупцијата во април е брзата судска постапка во случајот „Бачило“. „Јавното обвинителство во месец април покажа недоследност во постапувањето во однос на законските овластувања што ги има и начинот на кој истите ги применува“, во случаите Томчаки компани во Кочани и случајот на апсењето на доктор Дејан Докиќ во Скопје. Во првиот случај и покрај големиот грабеж на стотици граѓани JO оцени дека ’нема сигурни докази за тоа дека брачната двојка, сопственици и управители со компанијата, извршиле кривично дело измама’, не предложи мерка притвор. Според известувањата во медиумите, обвинителот размислувал да ги упатат стотиците измамени на граѓанско-правен спор. Во случајот со доктор Дејан Докиќ и „покрај тврдењето на полицијата дека има соодветни и квалитетни докази обезбедени со специјални истражни мерки, ЈО поднесе обвинителен предлог во кој именуваниот се товари за против законско посредување, а не за поткуп. „Со постапките во овие два случаја се поткопува довербата на граѓаните во институциите и во решителноста за неселективна и професионална борба со корупцијата“. Со ова образложение се согласија 8 од 18 – те главни уредници колку што учествуваа во гласањето во април. |
Шест уредниците сметаат дека најматен настан беше несериозниот однос на извршни и правосудни органи во предистражната постапка околу поранешниот генерален директор на ЕСМ Панде Лазаров .
За четворица уредници најматен настан во април беше постапувањето на Министерството за одбрана и на екс министерот Владо Бучковски. Станува збор за три афери кои што до јавноста допреа во април. Тоа се аферата со продажбата на воените пушки М – 48 на компанија од САД, аферата со нелегално точење гориво за приватни потреби од страна на поединци во Службата за разузнавање и контраразузнавање под команда на ГШ на АРМ, како и за односот на надлежните во врска со аферата од декември лани, за можен шверц со оружје. Во рубриката „Бистро“ на прво место е брзата судска постапка во случајот „Бачило“, за што гласаа 9 од 18 уредници. Тие се согласија дека треба да се пофали тоа што, „за само еден месец од започнувањето, заврши судската постапка за дваесетина лица вклучени во случајот кој ја одбележа годината“. Уредниците ја прифатија и оценката дека „брзината со која се одвиваше и заврши процесот, укажува на добро завршена работа од страна на Државната ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и Министерството за внатрешни работи“. Другите два настана предложени во рубриката „Бистро“ – Професионализмот на Управата за јавни приходи (УЈП) и Започнување на постапката за донесување на Законот за конфискација добија 6, односно 3 гласа од уредниците на националните медиуми. Анкетата „Барометар на корупцијата“ се спроведува месечно од декември 2004 и во неа учествуваат главни уредници на речиси сите печатени и електронски национални медиуми. Во анкетата за април учествуваа главните уредници на телевизиите А1, Алсат–М, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Лајме, Факти, и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на Лоби./ |