18.05.2007 Во рамките на проектот „Подобрување на корпоративното управување за ‘0’ толеранција кон корупцијата“, Нулта корупција, денес ја одржа шестата работилница посветена на Информатичкиот сектор.
Претставниците од ИТ секторот во својата дискусија ги посочија главните облици на корупција со кои се соочуваат и ги дадоа своите видувања за начините и потребните механизми за успешно справување со истата во рамките на овој сектор. Препораките од денешната, како и од претходно одржаните работилници ќе бидат искористени за изработка на унифициран етички кодекс, чие што прифаќање од страна на стопанските субјекти ќе придонесе кон поуспешно корпоративно управување.
Професорката Антонија Јосифовска од факултетот за бизнис и економија истакна дека е неопходно приватниот сектор да се сврти кон себеси и да ги идентификува своите слабости и преку личното однесување да покаже дека е подготвен да се справи со корупцијата.
Професорот Горан Коевски од Правниот факултет препорача самиот сектор внатрешно да ги прифати минималните стандарди на корпоративната одговорност преку усвојување на етички кодекс, затоа што напредокот на бизнисот е секогаш чекор напред пред легистлативата. Со текот на времето успешните едички кодекси можат да прераснат во закон. |
Претставникот на Аплифај, Глигор Дачевски го истакна своето позитивно искуство во работата со странскиот пазар истакнувајќи дека треба да се измени менталниот склоп на луѓето кои се навикнати на „елегантно“ избегнување на високите давачки. Тој потенцираше дека долго време митото беше сметано не само за неопходност, туку и за нормална појава, а за искоренување таквиот феномен е неопходна континуирана едукација.
Ангел Брдарски, претставникот на Дигит компјутер инжинеринг од своето 17 годишно искуство го истакна проблемот со тендерите кои поставуваат невозможи услови преку кои се дискриминираат македонски компании. Тој истакна дека за некои фирми митото е благодет кое им овозможува да се однесуваат без никаква одговорност кон потрошувачите.
Присутните се согласија дека со ваквата состојба се постигнува деградација на квалитетот и услугата и го истакнаа проблемот со царината и неинформираноста во однос на регулативата.
Жарко Никодиновски, претставникот на Нико- компјутери го потенцираше проблемот со јавните набавки, и последниот распишан тендер вреден 30 милиони евра кој од една страна ги елиминира македонските фирми како набавувачи, се отвара работа за некој друг, а од друга страна на нашите фирми им се дава одговорност да сервисираат производи за чиј квалитет не можат да гарантираат.
Потенцирани беа и фиктивните извезувања со цел враќање на ддв кои функционираат без проблем и формалното непотребно преведување на упатствата за секој дел од компјутерот.
Претседалеот на програмскиот совет на „Нулта корупција“ доц.д-р Слаѓана Тасева ги потсети присутните проблемите да не ги бараат проблемите само во однос на државата туку да ги детектираат и сопствените аномалии, посочувајќи го инсталирањето на нелегалниот софтвер. Таа пред присутните ги искажа контрадикторните резултати од истражувањето направено во Антикорупциската комисија помеѓу вработените во јавната администрација според кои компјутеризацијата е на задоволително ниво а било забележано намалување на ефикасноста на работењето за 60 проценти.
Нерегуларностите во случајот со директниот договор помеѓу Микрософт и Владата се детектирани од страна на државната комисија за спречување на корупција, а конкретен одговор не е добиен. Во оваа смисла Тасева нагласи дека во Република Македонија се користат 69 проценти нелиценцирани софтвери . Ова се прави во соработка со компании од ИТ секторот кои ги инсталираат таквите софтвери. Сето ова, како и засилените коруптивни практики ја намалуваат конкурентноста на овој сектор но и можноста за економски развој. Оваа работилница е дел од активностите за ефикасна имплементација на потпишаната Декларација за 0 толеранција кон корупцијата. |