22.05.2007 Јавното правобранителство во Македонија, кое сега е владина служба, во иднина ќе функционира како самостоен орган според модел многу сличен на оној што постои во Република Ирска. Мандатот на челниот функционер во институцијата се зголемува од четири на шест години, а притоа останува правото на повторен избор за исто толку години. Оглас за правобранител распишува Владата, а потоа и одлучува за именувањето на предлог на министерот за правда. Другите државни правобранители наместо четиригодишен ќе имаат траен мандат, исто како судиите. Ова се најсуштинските новини во законот за државно правобранителство кои се веќе проследени во парламентот за разгледување и усвојување, по скратена постапка. Станува збор за редефинирање на статусот на Правобранителството согласно со современите тенденции, компаративните искуства на други земји, а пред се' со уставното уредување. И во европските, и во државите од најблиското опкружување правобранителствата се посебни тела, но со различна организациска поставеност. Имотните права на Хрватска ги заштитува тело во рамките на правосудниот систем, а во Словенија функционира самостоен орган. |
„Имајќи ја предвид уставната поставеност на органите на управа и организација на државната управа, кај нас е можно само формирање самостоен орган. Секогаш е можно да се направи нешто подобро, но важно е што конечно се подигнува статусот на институцијата, на ниво на државен орган со сите овластувања и одговорности. Владина служба може да се укине во секое време, но не и државен орган“, вели правобранителката Оливера Китанова, задоволна од законските решенија за промените. Таа посебно ги издвојува одредбите за престанување на функцијата и нагласува дека за разрешувањата досега немало потреба од посебно образложение. Функцијата правобранител престанува со смрт, по сопствено барање, поради пензионирање, трајно губење на способноста за работење, при именување на друга функција, поради изречена ефективна казна затвор од најмалку шест месеци. Нестручното и несовесното вршење на функцијата е услов за разрешување. Владата донесува одлука, но можно е обжалување, со поведување спор пред новиот управен суд. За државен правобранител ќе се именува лице кое е македонски државјанин, угледна личност, дипломиран правник со работно искуство на правни работи, најмалку осум години по положен правосуден испит. Претпоставка е дека наместо 14 државни правобранители сега распоредени по подрачни единици, ќе има помалку. Процената ќе зависи од бројот, видот и карактерот на предметите, како и надлежноста на судот на чие подрачје државните правобранители ја вршат својата функција. Владата ќе одлучи за бројот на државните правобранители, три месеци по влегувањео во сила на новите законски решенија. Според преодните и завршните одредби во владиниот предлог, јавниот правобранител и неговите заменици кои ја вршат функцијата во моментов ќе останат на работните места, но до истекот на мандатот за кој се именувани.
Извор: Утрински весник |