23.05.2007 Постојат сериозни индиции дека следењето на комуникациите, аудиовизуелното снимање и користењето лица со прикриен идентитет како посебни истражни мерки се злоупотребуваат. Тие, наместо да помогнат во спречувањето на криминалот, се користат како алатка за повреда на човековите права, предупреди вчера Македонскиот хелсиншки комитет. Во веќе процесуирани шест судски предмети, врз кои е вршен мониторинг, се регистрирани големи недостатоци во процедурата на нивното користење, а судот, за жал, со своите одлуки само ги легализирал. – Застрашува тоа што надлежната собраниска комисија, која иако постои, досега нема ниту една анализа ниту реакција за примената на посебните истражни мерки – истакна на вчерашната прес-конференција адвокатот Сашо Дукоски. |
Тој забележа дека во некои од случаите немало ни одобренија за следење на комуникациите, што е апсолутно недозволиво и претставува елементарно нарушување на правото на приватност. А, врв на тоа се изнесувањето на евиденциите за телефонските разговори од фиксните или од мобилните оператори. – Во спрегата меѓу полицијата и обвинителството, се чини, МВР најмалку ги прекршува законските одредби, а најмногу вина носат Јавното обвинителство и истражните судии, кои ан блок ги прифаќаат сите негови барања – нагласи Дукоски. Хелсиншкиот комитет вината за ваквите состојби ја гледа во отсуството на подзаконските акти што се неопходни по донесувањето на Законот за следењето на комуникациите. Комитетот ги повика релевантните институции итно да формираат контролен механизам што ќе ја спречи злоупотребата на посебните истражни мерки и да ги преиспитаат случаите во кои тие биле преземени, а за кои постојат сериозни индиции за повреда на човековите права. Посебните истражни мерки, според законските одредби, се применуваат за обезбедување податоци и докази што не можат да се соберат на друг начин, за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години и за кривични дела за кои е пропишана затворска казна од пет години, а за кои постои основано сомневање дека ги извршила организирана група, банда или друго злосторничко здружение. Јавното обвинителство испрати смирувачки тонови. Јово Илиевски од Одделот за организиран криминал е дециден дека сите наредби или предлози до истражните судии исклучиво се темелат врз Законот за кривичната постапка и неговите одредби максимално се почитуваат. – Што се однесува до прислушувањето, воопшто не се применува, зашто се' уште не се донесени подзаконските акти. А, користените листинзи не спаѓаат во мерката прислушување, туку со нив само се потврдува дека постоела комуникација во одреден временски период помеѓу двајца корисници. И тие се добиваат исклучиво со наредба – вели тој. На последната собраниска седница посветена на пратеничките прашања поранешниот премиер Владо Бучковски побара одговор за своите сознанија дека во државава се прислушуваат околу 1.300 луѓе. Актуелниот премиер Груевски одговори дека со таа бројка се мавта заради политички цели. И во МВР се децидни дека работат според законските одредби. – Ние постапуваме исклучиво по наредба на истражен судија или јавен обвинител – вели портпаролот Иво Котевски.
Извор : Дневник |