31.05.2007 Законското право за слободен пристап до информации од јавен карактер постои нецела година. Сепак, нема место за задоволство, бидејќи практичната примена не е на посакуваното ниво. Граѓаните поставуваат прашања, трпеливо ги чекаат последните рокови, а администрацијата демонстрира рамнодушност и молчи. Најпогодена категорија се новинарите, за кои податоците обезбедени по еден месец немаат никаква вредност. Отвореноста на институциите за информации се' уште е голем проблем во Македонија. Доволна потврда за тоа е податокот дека, на пример, на една третина од 660 поднесени барања за официјални информации службените лица не дале никакви одговори! Како можен лек за побрзи и поквалитетни услуги се споменува професионализацијата на овластените службени лица. Експертите укажуваат на неопходни корекции во Законот. |
„Законот за слободен пристап до информациите не е совршен, но е применлив“, вели претседателот на Комисијата за слободен пристап до информации, Јанко Николовски, признавајќи дека во кусото време откако постојат, без гратис период, често се случувало и да импровизираат. „Во моментов се регистрирани 1.108 иматели на информации, а со редовното ажурирање очекуваме тој број да се зголеми на 1.500. Посебен проблем е молчењето на администрацијата. Најмногу барања за информации се упатени до Министерството за труд и социјална политика, но но можеме да тврдиме дека тие се најголемите молчачи. Клучен момент на кој мора најсериозно да му се посвети внимание е професионализацијата на службениците. Со редовни обврски плус дополнителната – за давање информации, јасно е кои ќе бидат поприоритетни. Затоа често се случува овие лица да бараат начини за да се ослободат од дополнителната работа“, вели Николовски и додава дека тоа е секогаш на штета на граѓаните. „Ако сакаме демократија, тогаш нејзината цена треба да се плати“, вели претседателот на Комисијата за слободен пристап, објаснувајќи дека само службеници задолжени за давање информации и за ништо повеќе од тоа можат да ја поправат лошата слика.
Експертите тврдат дека институциите не ги објавуваат сите закони, подзаконски акти и специфични конкретни управни акти. Ако состојбата со веб-страниците на Владата и министерствата е поднослива, загрижувачки се оние на јавните претпријатијата и на единиците на локалната самоуправа. Јавните претпријатија воопшто не ги објавуваат извештаите за својата работа, а со тоа го ускратуваат правото за слободен пристап до документи кои по својата природа се јавни и достапни. Компјутерските страници на општините се добро дизајнирани, но само во неколку од нив има каква било, некаде и добра содржина. Другите се празни, потенцираат во Комисијата за слободен пристап до информации.
Извор: Утрински весник |