04.06.2007 Комисијата за слободен пристап до информациите функционира во затворен круг, тврдат во невладината организација „Промедија“. Најдрастичен пример за нетранспарентност е тоа што Комисијата се' уште не го обелоденува извештајот за работењето во 2006 година на својата веб-страница. Овластената институција која низ сопствен пример треба да ја докаже својата отвореност за јавноста, коментираат во „Промедија“, на овој начин премолчено признава дека е конституирана само за да ја исполни формата, а не и суштината. Извештајот е проследен до Собранието, во него нема никакви тајни, а не е објавен, бидејќи во Комисијата го сметаат како недовршен јавен документ. Една од солуциите за расчистување на ова нерешено прашање е да се побара автентично толкување од законодавниот дом како да се постапи. Најапсурдно од се' е тоа што дури ни новинарите не можат да го добијат извештајот, бидејќи од Комисијата ги упатуваат на Собранието. |
„Членот 10 од Законот за слободен пристап ги задолжува институциите како иматели на информации, без посебно барање, да ги направат достапни до јавноста програмите, стратегиите, ставовите, мислењата, студиите, одлуките, актите и мерките со кои се влијае на животот и работата на граѓаните. Меѓутоа, голем дел од органите што трошат јавни пари, како што се на пример јавните претпријатија, не ги објавуваат своите документи. Уште понелогично е тоа што оваа практика ја прифати и Комисијата за слободен пристап до информации, која не најде за потребно да си го објави сопствениот извештај, кој впрочем не е работна, туку конечна верзија. Со тоа Комисијата која треба да биде најотворена се претвори во Комисија за неслободен пристап до информации“, изјави Климе Бабунски, експерт од невладината организација „Промедија“.
Извор : Утрински весник |