13.06.2007 Сите нерешени корупциски случаи во Македонија да бидат објавени на „црна листа“. Кривична и политичка одговорност за несовесните трошаџии на државните пари кои склучиле незаконски финансиски зделки, строга контрола на јавните набавки, зајакнување на внатрешните ревизии, компетентен правосуден систем, забрзување на судските постапки. Ова се некои од препораките кои на Македонија и' ги сугерира Европската комисија за во иднина да постигне успех во борбата против корупцијата и да се одлепи од дното на листата со најразвиените земји со корупција. „Според индексот за корупција на меѓународната ’Транспаренси‘, Македонија е на многу ниска позиција. Тоа значи дека перцепцијата на широката јавност за корумпираноста во земјата е многу висока. И само еден случај на корупција може да предизвика огромни штети. За да се спречи корупцијата, најважна е нејзината превенција. Затоа треба да се воспостават соодветни правила и прописи, внатрешни контролни механизми и вклучување лица со високи етички стандарди“. Ова на адреса на одговорните структури во Македонија вчера им го порача потпретседателот на Европската комисија, Сим Калас, од дводневниот форум на шефовите на врховните ревизорски институции на земјите-кандидати и потенцијални кандидати што се одржа во Скопје. |
Препораките на ревизорите запишани во извештаите за финансиското работење на државните органи се најдобриот и најлесниот пат што да се преземе и како да се постапи. Но, најважно е што следува како процес откако ќе се даде ревизорската препорака. За жал, во Македонија се' уште е многу низок процентот на наоди со констатирани неправилности кои добиваат завршница пред надлежните органи. „На Државниот завод за ревизија му се потребни поголема независност и поголема поддршка од извршната власт. Но, истовремено и поголема соработка со законодавната власт која е во позиција да врши вистинска пресија со чешлање на ревизорските извештаи и со постапување по нив. Естонија е една од европските земји во која постои парламентарна комисија чија задача е да ги чиста извештаите и да презема мерки. Критичните случаи добиваат највисок приоритет и разрешница. Тоа е и нашето барање“, вели главниот државен ревизор, Драгољуб Арсовски.
Извор : Утрински весник |