13.06.2007 Дирекцијата за спречување на перењето пари очекува од банките да добие извештаи за сите трансакции на физички лица поголеми од 100.000 денари и на фирмите од над 200.000 денари Дирекцијата за спречување на перењето пари бара од банките да и' достават финансиски податоци за педесетина фирми и физички лица за изминатите шест години. Дознаваме дека на списокот се и поголеми и познати домашни компании, но и помали во кои постојат роднински врски меѓу сопствениците. Банкарите велат дека досега немало вака обемна акција од страна на оваа државна институција. Дирекцијата има право да бара вакви информации ако се сомнева во активности поврзани со перење пари и финансирање тероризам. Според нашите информации, Дирекцијата очекува од банките да добие извештаи за сите трансакции на посочените физички лица поголеми од 100.000 денари и на фирмите од над 200.000 денари. Барањето е испратено пред дваесетина дена. Од Дирекцијата не добивме одговор која е целта на оваа акција и за какви сомневања станува збор. |
Банкарите, пак, имаат работа преку глава бидејќи треба да подготват стотици страници документација. – Фирмите дневно може да имаат по десетина трансакции од 200.000 денари. За сите нив треба да доставиме писмен извештај до Дирекцијата. Тоа бара многу работа и ангажирање многу луѓе – велат во банките. Според банкарите, вработените во Дирекцијата со години не ќе можат да го прочитаат обемниот материјал. Бизнисмени, чии фирми се на списокот, обвинуваат дека целата акција има политичка заднина. Банките се обврзани да ги достават овие податоци. Според Законот за спречувањето на перењето пари, мора да достават информации и документи за извршени трансакции за кои постои сомневање дека се поврзани со перење пари, како и во случај на готовинска или неколку поврзани трансакции од над 15.000 евра. И Дирекцијата има право да побара информации ако се сомнева во нечисти зделки или финансирање тероризам или ако други државни органи ги бараат од неа. Во извештаите што ќе ги добие треба да бидат наведени идентитетот на клиентот, текот, целта и учесниците во трансакцијата и крајната дестинација на парите. Според Законот, писмениот извештај треба да се достави во рок од 24 часа од сознанието дека некоја трансакција е сомнителна.
Извор : Дневник |