14.06.2007 Честото игнорирање на наодите на државната ревизија и полициската акција против шверцерите на мигранти, се најматен, односно најбистар настан во мај, во областа на корупцијата и борбата против неа. Ова го покажа гласањето во последната месечна анкета „Барометар на корупција – Бистро/Матно“, на новинската агенција Макфакс и на невладината организација „Нулта корупција“, а во која учествуваа 18 главни уредници на национални електронски и печатени медиуми во Македонија. „Во почетокот на мај во медиумите се појавија извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР), според кои, во 2004 и 2005 година ненаменски и спротивно на законите, Собранието, јавни претпријатија, здравствени центри, општини и други буџетски корисници, ненаменски потрошиле најмалку 75 милиони евра. Покрај ова, во истите две години, според ДЗР, најмалку 8 милиони евра штета е извршена врз Буџетот поради незаконски јавни набавки. ДРЗ укажува дека според членот 89 од Законот за јавни набавки, надлежниот суд може овие постапки да ги прогласи за ништовни. Но и покрај ова, ниту владините институции, ниту правосудните органи не поведуваат постапки за укинување на незаконските јавни набавки и гонење на сторителите“ Со вакво образложение за игнорирање на наодите на државната ревизија се согласија 13 од 18-те главни уредници, со што предлогот „Непостапување на владините и правосудните органи по наодите на ДЗР“ е оценет како најматен за месец мај. |
Во рубриката „Бистро“, односно најпозитивен пример за борба со корупцијата и криминалот, е избрана полициската акција за разбивање на меѓународен синџир за трговија со луѓе. „Македонската полиција учествуваше во голема регионална акција разбивање на Меѓународен синџир за трговија со луѓе. Во рамки на заедничка акција на полициите на Македонија, Србија, Хрватска, БИХ и на Словенија – во координација и соработка со СЕКИ-центарот во Букурешт, уапсени се 19 лица. Приведените лица се државјани на Република Македонија, а при извршените претреси во нивните домови и на други локации се пронајдени повеќе патни исправи, печати, фотографии наменети за изработка на пасоши и лични карти од други држави, еден пиштол и други предмети“. За овој настан гласаа 9 од 18. главни уредници, а другите 5, односно 4 гласа, отидоа на другите два предлога. Во анкетата за мај учествуваа главните уредници на телевизиите А1, Алсат–М, Канал 5 Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Лајме, Факти, и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на Лоби |