20.06.2007 ДИК се' уште не поведува никаква иницијатива за казнување на политичките партии кои за да ја освојат власта промовираа луксузни кампањи, бидејќи извештаите на ДЗР биле нејасни! Допрва ќе проучуваат што да направат и какви мерки да преземат, ама ветуваат дека тоа ќе биде во најскоро време. |
Оваа казна има многу приврзаници „за“ и исто толку против, затоа што се знае кој дава и кој одзема мандат. Многу поголема тежина од изрекувањето парична или кривична санкција може да има јавното посочување на политички субјект пред оние што го имаат конечниот збор во казнувањето – граѓаните. За многу значаен дел од изборите експертите ги издвојуваат информациите и нивната достапност, особено кога станува збор за тоа кој и со колку пари ги донира активностите на политичките актери за време на избори.
„ДИК ги доби извештаите за финансирање на политичките партии, а поради сериозноста на прашањето оцени дека има потреба од дополнителни консултации со експерти и дополнителни објаснувања на ревизори. Констатиравме дека завршните оцени во извештајот на ДЗР не се прецизни, на пример, има формулација доколку се оцени дека партиите постапиле вака, тогаш можеби би требало да се оцени дека го надминале износот предвиден во Изборниот законик“. Ова е објаснувањето на претседателот на ДИК, Јован Јосифовски, зошто за извесно време го одложиле конечното заземање став во врска со извештаите на ДЗР. Тој е дециден дека одложувањето нема врска со политички притисоци, за кои тврди дека никогаш и ги немало. Главниот државен ревизор Драгољуб Арсовски во интервју за „Утрински весник“ рече дека е чудно тоа што Државната изборна комисија се изјаснила дека нивните наоди биле нецелосни. „Со кој капацитет ДИК може да оцени дали е нешто целосно без да побара објаснување од нас“. Се' уште трагаме и треба да трагаме по правилно решение за следење на финансирањето на партиите, оценува Мирјана Лазарова-Трајковска, уставен судија и заменик-претседател на Советот за демократски избори на Венециската комисија. „Потребна е силна политичка волја од партиите кои сами треба да сфатат дека отвореноста во нивната работа значи и транспарентност во финансирањето. Партиите излегоа со финансиски извештаи за изборите, но тоа се обиди во зачеток и треба уште многу да се работи на овој сегмент“. За Лазарова-Трајковска, санкцијата за прекумерно трошење за избори е една од мерките што постојат во законите, но дека таква каква што е, не е доволна. „Понекогаш јавно изречената осуда на адреса на политичка партија е многу потешка казна пред граѓаните кои имаат конечен збор во казнувањето“, нагласува Лазарова-Трајковска и додава дека Венециската комисија работи на кодекс за политичките партии, чиј добар дел ќе биде посветен на финансирање на партиите. Дилемите за санкционирањето на политичките партии се присутни и во други земји, па и во Канада, вели Диксон Бејли, претставник на ИФЕС. „Постои едно колебање дали да се применат казни се' додека не се обезбеди случај ’кој држи вода‘ и додека не се обезбедат неприкосновени докази. Се' дотогаш останува само притисокот на јавноста. Во Канада најниската казна за партиите е во пари. Предвидени се и построги санкции, одговорниот за финансии може да заврши во затвор, а кандидатот за пратеник да нема право повторно да се кандидира“, објаснува Бејли.
Извор: Утрински весник |