25.06 2007 Во државава се пишуваат „совршени“ закони кои веднаш паѓаат на тестот на применливоста. Непрецизните насоки кој да одработи ги премислуваат институциите. Едноставно речено, никој не сака да изгори рака со конфискација на имот, дури и на донесени решенија. Случајот на Стојмир Петров е школски пример кој во целост ги потврдува маните на законодавството кое не предвидува што понатаму со затајувачите на данок. Имено, за директорот на Институти уште пред две години постои судска пресуда дека затајувал данок и дека на сметка на државата треба да плати 100.000 евра. Но, оваа сума се' уште не е стасана во Буџетот, оти нема кој да ја наплати! Така, додека државните институции не предвидат кој треба да го наплати данокот, Управата за јавни приходи работи во празно на утврдувањето на потеклото на имотот. Само се вртиме во круг, затоа што целта не се постигнува ако виновниците ги обесиме на столбот на срамот. Останува отворено дали Стојмир Петров и некои други уловени по него за купени станови, изградени палати, фирми, автомобили, непријавени трансакции, префрлени пари и вредности на други имиња во фамилијата и пошироко од пари кои сигурно не се од плата, ќе останат вечни должници на државата. На списокот на затајувачи се и градоначалничката Виолета Аларова, за која е пресметано дека должи 100.000 евра, потоа доктор Борче Петровски треба да плати 150.000 евра, а највисоката сума на даночно затајување од 780.000 евра е пресметана за поранешниот министер за здравство Владо Димов. |
И кога е констатирано дека затаил законодавецот, работите се префрлаат на помирно подрачје. Сега Владата на Никола Груевски прави посебен закон за конфискација на имот. Државата ќе го одзема натрупаното богатство доколку не добие докази од богаташите дека успеале во тоа со чесна работа. Законот ќе важи за сите случаи, значи нема разлика дали станува збор за криминал направен во приватизацијата или имотот е од поново време. За таа цел ќе се формира и посебна агенција која ќе управува со имотот што ќе го стекне државата преку конфискација на имот на нелегално збогатените. Генерална поддршка постои од сите оние кои со години предупредуваа дека во Македонија криминалот е нискоризична, но високопрофитна дејност, токму поради дупките во законите. Експертите со поделени мислења дали конфискацијата треба да се реши со нов закон или да се искористат инструментите кои за ова дело ги предвидува Кривичниот законик, дали ова ќе биде обид за ставање крај на транзицијата или почеток за нова пресметка. За поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева има потреба од посебно законско решение и заради допрецизирање на сите недоречености во постојните прописи и за поуспешна борба против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот. Стравувањата дека законот ќе прерасне во орудие за борба против политичките неистомисленици, според Тасева, ќе се избегнат доколку се применуваат меѓународните стандарди за заштита на човековите права. Таа нема никакви дилеми околу тоа дека институциите можат да постапуваат и со сегашната регулатива. „Конфискацијата не подразбира само конфискација по завршена постапка во УЈП или по завршена судска пресуда. Таа има и претходни мерки, замрзнување или заплена, што значи дека имотот треба да го најдеме денеска за да имаме утре што да конфискуваме. Ако денес сме откриле некое криминално дело, треба да ја заплениме куќата или автомобилот, за да ги конфискуваме по три години, кога евентуално ќе заврши судската постапка, без тие да изгубат вредност“. Таа се повикува на европски искуства и образложува дека во некои земји, во договор со сопственикот на возилото, тоа може да се продаде, парите да се чуваат на сметка, а кога ќе заврши постапката, вредноста на имотот да биде иста. „Без разлика на тоа дали парите ќе му се вратат на лицето или ќе бидат на сметка на државата, никој нема да биде оштетен. Ние допрва ќе се соочиме со барањето за отштета. Ако на некого нешто неправилно му било оневозможено да го користи, тој може да тужи за повреда на човекови права“, додава Тасева. Професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски не е докрај сигурен дали има потреба од посебен закон во кој би се операционализирале одредбите од Кривичниот законик или, пак, треба да се засилат постојните. „Често пати сум прашувал судии зошто недоволно се применуваат одредбите за конфискација. Тие одговараат со кревање на рамената“. Незаконското богатење треба да се санкционира, но мора да се прецизира од кога ќе важи законот и што ќе биде опфатено. Тој предупредува дека со погрешно реализирање на идејата целата ситуација може да излезе од контрола. „Наместо да се стигне до позитивен ефект, да се одземе криминалниот принос на лицата што извршиле тешки кривични дела од областа на економскиот криминал, може да се случи луѓето да се плашат од помислата да влегуваат во бизнис“, коментира Тупанчевски. Нема потреба од нов закон за конфискација на имот кога ги имаме одредбите од Кривичниот законик, нагласува професор Љупчо Арнаудовски. Според него, проблем во државата е тоа што органите не ги применуваат законите. „За да се спроведе решение за конфискација, треба и голема стручност, но и голема храброст. Како судиите да изрекуваат конфискација на имот кога нема никаква атмосфера за тоа во државните институции“, прашува Арнаудовски. На трибина посветена на конфискацијата професорот на Правниот факултет Владо Камбовски изјави дека досега во Македонија имотот им се конфискуваше само на крадците. За разлика од нив, софистицираните криминалци што затајуваат даноци или примаат поткуп, а потоа ги перат нелегално заработените пари, остануваа со нечепнати имоти. Според сознанија на Камбовски, од 7.000 осудени лица, мерка на конфискација имало во 70-90 случаи и тоа резервирани за дела на кражба. За него е важно да се внимава на пресумпцијата на невиност и на заштитата на правото на сопственост, односно лицето што е невино осомничено да ги има сите можности за докажување на легалните извори на својот имот.
Извор : Утрински весник |