03.07.2007 Наместо за елементарни непогоди и трошоци во случај на „виша сила“, парите од буџетската резерва лани, без амин од Собранието, Владата ги трошела за други програми и проекти, утврди Државниот завод за ревизија. Ревизорите ги оспоруваат финансиската поддршка на МРТ од 1,7 милион евра, услугите на експертска куќа и меѓународна адвокатска фирма од Швајцарија вредни околу еден милион евра, кофинансирањето на филм со 131.000 евра за кој претходно биле потрошени планираните 1,2 милион евра, подготовката на парламентарните избори со околу 39.000 евра. Во ревизорскиот извештај за Буџетот за 2006 година на одговорност се повикуваат претходниот и сегашниот министер за финансии, Никола Поповски и Трајко Славески. Спорни се и околу 205.000 евра потрошени за хигиена, обезбедување, ПП-заштита и тековно одржување, над 97.000 евра за аконтација на судски трошоци во Париз, околу 39.000 евра за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Југоисточна Европа, како и трансфери до невладини организации и здруженија надвор од предвидени пари во годишните програми и закони. Ревизорите посочуваат дека во овие случаи не станува збор за непредвидливи трошоци и за нив морало да одлучува Собранието. Тие утврдија и дека кај шест буџетски корисници биле зголемени буџетите за 2,1 до 15,6 отсто со пари од тековните резерви. Подготвувањето на Буџетот доцнело во сите фази, што се објаснува со незавршените преговори со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд. |
„Максималниот лимитиран износ на одобрени средства по функционални области од 1,19 милијарда евра во 2006 година бил надминат за 153 милиони евра“, пишува во извештајот. Министерот Славески ја отфрла одговорноста. – Ние доставивме наши забелешки до Државниот завод за ревизија. За периодот од четири месеци од минатата година, кога јас ја презедов министерската функција, се работеше согласно со законските прописи. Мораше да се преземат некои ургентни мерки за да се исполнат некои обврски – изјави тој. Неговиот претходник, Поповски, тврди дека во негово време немало незаконски трошења. Според него, за време на изборите морало да се изврши пренамена на пари за финансирање на дополнителни трошоци на ДИК. Останатите буџетски трошоци му ги припишува на актуелниот министер. Ревизијата утврди дека во минатата година 18 буџетски корисници потрошиле за 10 отсто помалку пари од планираниот буџет, кај 11 буџетски корисници реализацијата е помала за пет до 10 проценти, а кај 29 за еден процент. Во просек, буџетските корисници потрошиле помалку 16,2 милиони евра од одобрените средства со Буџетот. На крајот на минатата година биле искажани 13,3 милиони евра ненамирени обврски пренесени во 2007 година. Поголем дел од буџетските корисници со неплатени обврски истовремено искажуваат неискористени пари. „Слабостите во планирањето на потребните пари се потврдуваат и со големиот број пренамени во рамките на одобрените буџети. По извршениот ребаланс на Буџетот во ноември 2006 година, до крајот на годината се извршени 111 пренамени во вкупен износ од 8,3 милиони евра. Фактот што одделни буџетски корисници за неполни два месеца извршиле 5 до 10 пренамени, упатува на несоодветно планирање“ – пишува во извештајот. На крајот од минатата година евидентирани се долгови кон банките од околу 13 милиони евра, за кои државата во периодот од 1996 до 2000 година одобрила пари од буџетот за кредитирање правни лица. Ревизорите констатирале дека овие краткорочни кредити не биле вратени во буџетот пред неколку години, а Министерството за финансии не презело мерки за наплата на побарувањата. Лани во буџетот биле вратени само 129.000 евра, што е еден процент од вкупните побарувања. Според ревизорите, овој ресор нема сознанија ни за состојбата со побарувањата од тутунски комбинати по основа на платени гаранции кон домашни банки, издадени во 2000 година, и за други субјекти за платени кредити во странство во износ од 35 милиони евра. Заводот за ревизија смета дека со тоа што Министерството со години не преземало мерки за наплата на долговите на јавните комунални претпријатија и на „Македонски железници“, долговите пораснале за 63 отсто во однос на 2005 година. Овие пари што ги побарува Министерството за финансии во најголем дел не можат да се наплатат и ќе бидат загуба на државата, тврдат ревизорите.
Извор : Дневник |