05.07.2007 Конфискацијата на имот на сторители на криминални дела ќе придонесе за намалувањето на криминалните дејности во државата. Според Слаѓана Тасева, претседател на програмскиот совет на „Нулта корупција“ , потребно е државните органи да ги следат трансакциите на парите, за да може навреме да се открие дали тие се стекнати на криминален начин. Таа изрази верување дека точна мерка за конфискација ќе ги намали криминалните дејства во земјата. Министерот за правда Михајло Маневски, осврнувајќи се на измените што се подготвуваат во Законот за спречување корупција, посочи дека целта е казната да го погоди сторителот. Маневски укажа и на тешкотиите со кои се соочуваат државните органи, особено кога треба да се истражуваат тајни банкарски сметки. Според него, политиката на банките не дозволува пристап и истрага на овие сметки. Во таквите случаи се започнува со масовна истрага, а потоа работата спласнува поради недостиг на одредени информации, смета Маневски.
|
Претседателот на државната комисија за спречување на корупцијата Мирјана Димовска смета дека затворот не е доволна казна, доколку ќарот на криминалците остане нечепнат. Таа запраша зошто судовите ретко ја изрекуваат мерката конфискација. Според директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, од институциите многу тешко се добиваат одредени информации и од тие причини многу тешко може да се комплетира одредена истрага. Трајковски изрази стравување дека поради некомплетните истраги би можел да настрада и некој невин.
Извор : Макфакс |