09.07.2007 „Финансирањето на политичките партии пред избори е моментот кога политиката станува најдоходовниот бизнис во државата. Ова не само што е болна точка за која е утопија да се говори, туку дефинитивно е најсивата зона од сите сиви зони“, потенцира професорот на Правниот факултет, Ванчо Узунов. Според него, спонзорството може да биде оправдано само за добра иднина, а не и за сопствена инвестиција. „Ако некој бизнисмен финансира политичка кампања, тој прави многу добра рентабилна инвестиција. Партиите кои ја освојуваат власта потоа му враќаат од јавните пари. Финансирањето во политичка идеја или програма не е забрането, но треба точно да се знае кој плаќа за партиите“, додава професор Узунов. Транспарентноста е потребна за да се знае дали трошењето на јавните финансии е квалитетно или искривено. Тоа може автоматски да се препознае на тендерите, ако листата на финансиери се совпадне со оние кои добиле зделка на тендер. Експертите потенцираат дека процедурата за јавни набавки е сложена, а дека квалитетот на вработени кои се вклучени во постапките треба да биде екстра-добра. Најважно е да се обезбеди нивна независност од власта, а во одлучувањето кој да добие јавен тендер никаков удел не смее да има ниту еден извршен функционер. Проектирањето на буџетот со години наназад не се менува, а ставките се препишуваат. Многу ретко се анализира дали се потребни такви буџетски зафаќања или не. Ефектот може да е нула, но ништо не се менува. Најлошите менаџери се оние кои и тогаш кога имаат пари остануваат сиромашни. Експертите се сомневаат дека програмите во државните органи се донесуваат врз функционална анализа, а уште помалку веруваат дека во администрацијата има луѓе оспособени за тоа. |
„Буџетот во Македонија е систем на стекнато право кое се проширува. Недостига креативност, планирање, програми и исполнетост. Десет години не се променети процедурите. Никој не размислува како полесно да направиме пари. Кај нас 95 отсто од Буџетот се полни од граѓаните за разлика од другите држави каде што тој процент е најмногу 30 отсто и каде што државата создава пари преку приватизација, концесии, имоти“, оценува професорот на Штуловиот универзитет, Абдулменаф Беџети. Тој вели дека е време буџетските корисници да излезат пред народот и да го прашаат за што да бидат потрошени неговите пари.
Буџетот на Македонија е затворен документ во високите елити на власта, а во него ѕирка само Меѓународниот монетарен фонд. Познавачите на финансиите се загрижени поради тоа што една третина од јавните пари се за администрацијата, втората третина за социјални субвенции и третата за се' друго, но не и за економски развој. И додека во Буџетот за 2006 развојната компонента била на прво место, а потоа децентрализацијата и одбраната, во Буџетот за 2007 на прво место е децентрализацијата, следува одбраната и пензискиот систем, но развојот го нема.
„Јавната администрација е како ротациона врата која само внесува. За нецели десет години бројот на административците е дуплиран – од 94.000 во 1997 на 134.000 во 2007. Прашањето што се поставува е зошто капацитетот на влегување во јавниот сектор со непримамлива плата е толку атрактивен. Со оваа заработувачка службениците не можат да се имуни на корупција“, заклучува Беџети. Со него се согласува и политичкиот аналитичар Мерсел Биљали, кој нагласува дека службеник со 300 евра плата никоја не може да го откаже од корупција и од финансиски прекршоци.
„Партиското мешање во целокупната структура на јавната управа е рак-рана за она што се нарекува професионализам. Дури и унапредувањето на службениците е со политичка волја на моќниците. Имаме имунизирани јавни функционери и чиновници од одговорност. Тие секогаш имаат протекција за се' и никогаш не се одговорни за ништо“, потенцира Биљали.
Извор : Утрински весник |