10.07.2007 Новинарите од Македонија се подготвени да се соочат со корупцијата, митото и неетичкото однесување во сопствените редови. Конференцијата е прва од серијата јавни дебати што ги организира Здружението на новинари на Македонија-ЗНМ, Институтот за трајни заедници и УСАИД. Од расправата треба да произлезат заклучоци кои ќе бидат имплементирани во новинарскиот кодекс. „Никој не е имун на корупција, па ни новинарите и затоа е потребно отворено да се разговара и да се исчисти сопствениот двор од поединци кои со неетичкото однесување го девалвираат новинарството“, смета претседателот на ЗНМ Роберт Попоски. |
Според него најпрвин треба да се дефинира што е тоа мито и корупција во новинарството, а потоа да се разговара сериозно за проблемот во кој некогаш новинарите се жртви на повисоки, политички или бизнис интереси. Во борбата против корупцијата ЗНМ денеска ја промовираше бесплатната телефонска линија 0800 54321 на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неморално однесување на новинарите. Покрај ова на конференцијата во Охрид стана збор и за Законот за пристап до информации, кој, како што беше посочено, сеуште не профункционирал, што според новинарите се должи на неподготвеноста или одбегувањето на институциите да даваат информации за своето работење.
Извор : Макфакс |