12.07.2007 Државната комисија за спречување на корупцијата денеска во Скопје ја презентираше програмата за превенција и репресија на корупцијата која за прв пат воведува систем на мерливост. “Мерливоста е посебно важна поради димензија на мерките, тајмингот на нивната реализација, интензитетот и можноста побрзо да се реагира“, изјави на промоцијата претседателот на Комисијата Мирјана Димовска. Дел од предлозите во новата програма се неменување на државната администрација една година пред и по изборите, на јавниот обвинител до истекот на неговиот мандат, отворање на собраниските тела за експерти, ревизорски контроли на партиите и изборите, како и основање на база на податоците. “Базата на податоците ќе биде основа за градење на капацитетите на државните институции“, рече Димовска, додавајќи дека мрежното поврзување на органите ќе го подигне нивото на нивна соработка. |
Меѓу новините е и забрана за медиумско врзување со центрите на партиската моќ, забрана партиски челници да раководат со граѓански организации, јавен отчет за трошењето на сите буџети, како и внатрешна ревизија во сите централни и локални органи. Програмата, втора по онаа од пред четири години, содржи 34 клучни проблеми за виреењето на корупцијата, утврдува 140 активности и 291 показател за состојбите и 251 показател за работењето на институциите. Планот, за полесно да се рализира, е поделен на шест столба и ги опфаќа политичкиот систем, правосудството, јавната администрација, локалната самоуправа, институциите за спроведување на законот, економскиот и финансискиот систем, како и граѓанското општество медиумите и синдикатите. Во подготовката на Државна програма за превенција и репресија на корупцијата, Комисијата вклучила над 60 учесници, како и претставници од Собранието, политичките партии, државните органи и институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и медиумите.
Извор: Макфакс |