15.07.2007 Екстрадицијата на контроверзниот бизнисмен, Методија Смиленски, по речиси едногодишен притвор во Србија, кој е обвинет за повеќе проневери, е најпозитивниот настан во областа на корупцијата во јуни. Речиси едногласно за тоа се определија главните уредници на националните електронски и печатени медиуми во анкетата „Барометар на корупција – Бистро/Матно“ на Новинската агенција Макфакс и на невладината организација „Нулта корупција“. Најматен настан во областа на корупцијата во јуни е пропуст на обвинителството и судството во процесот за продажба на армиското оружје. За него гласаа 8 од вкупно 16 главни уредници, учесници во анкетата. |
Обвинителството и судството во чувствителниот процес на продажба на армиското оружје дозволија на судењето да се повика проценител кој претходно немал вакво искуство. Тоа во медиумите беше оценето како „намерно рушење на обвинението“, бидејќи одбраната на обвинетите воени и цивилни лица од АРМ и Министерството за одбрана лесно го отфрли вештачењето и го разниша обвинението.
На второ место на матната листа со 4 гласа се Специјалниот завод за лица со ментални проблеми во Демир Капија и Министерството за труд и социјална политика бидејќи повторно дозволија да се создаде тензија и неизвесност околу грижата за лицата сместени во овој завод, поради несоодветно избрана фирма на тендер. Министерството за труд и социјална политика во овој случај не се ни обиде да преземе дел од одговорноста туку целата вина ја префрли врз новинарите кои пишувале за овој настан.
На листата на матни настани во јуни, со по два гласа, се Министерството за внатрешни работи (МВР) и судот во Кичево.
Полицијата не успеа да го расчисти случајот со претепаните инспектори во дискотеката „Хард Рок“, во голем инцидент во кој имаше и употреба на огнено оружје. Инспектори на МВР, според извештаи на медиумите, беа претепани од вработени во агенцијата за обезбедување „Лупус“, во која основач е и шефот на обезбедувањето на премиерот Груевски.
Судот во Кичево само прекршочно со 500 евра казни државјанин на Косово кој предизвика сообраќајна незгода во која посериозно настрада моторциклист – полицаец, од придружбата на владината колона во која се наоѓаше премиерот Никола Груевски. Уверливо на прво место на листата на бистри настани со 13 гласа е екстрадицијата на контроверзниот бизнисмен Методија Смиленски, сопственик на пропаднатата „Експорт- импорт“ банка.
Смиленски кој е екстрадиран по едногодишен притвор во Србија, се товари со четири обвиненија, главно за финансиски малверзации и проневера на околу 60 милиони евра. Се очекува тој пред судските органи и да ги обелодени структурите со коишто бил поврзан и кои му помогнале во покривање на криминалните бизниси.
На второ место на позитивната листа со три гласа е Промоцијата на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата. За третиот предлог на оваа листа Оданочување и замрзнување на имотот на екс- министерот за здравство Владо Димов, не гласаше ниту еден од учесниците во анкетата.
Анкетата „Барометар на корупцијата“ се спроведува месечно од декември 2004 година. Во анкетата за јуни учествуваа главните уредници на телевизиите А1, Алсат–М, Канал 5 Сител и Телма, радио Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и електронското издание на Лоби.
|