18.07.2007 Судиите кои непотребно ги одолговлекуваат судските спорови во иднина ќе сносат одговорност за судење во неразумен рок. Особено ќе бидат санкционирани оние делители на правдата за чии неразумни спорови државата плаќа казна по пресуда донесена во Судот за човекови права. Министерството за правда веќе подготвува посебен закон за судење во разумен рок, во кој ќе бидат вметнати санкиите за судиите за одолговлечување на судските постапки. И министерот за правда Михајло Маневски потврди дека се подготвува ваков закон, кој ќе има за цел да се спречи непотребното одложување на судските спорови и да се намали бројот на претставките поднесени до Судот за човекови права во Стразбур.
"Нелогично е државата да плаќа штета по основ пресуди на Судот во Стразбур, а да не се утврди одговорност на оној поради кој настанала штетата. Недопусливо е судските процеси да траат по повеќе децении, бидејќи секој граѓанин има право на правично судење и одлука за судот во разумен рок" – ни рече Маневски.
Дека судиите треба да сносат одговорност за судењата во неразумен рок се согласува и првиот човек на Врховниот суд, Дане Илиев. Тој вчера ни потенцираше дека Општата седница на Врховниот суд донела одлука да му предложи на Министерството за правда да направи измени и дополнувања на Законот за судови во делот кој се однесува на ефикасно отстранување на предметите кои се судат во неразумен рок. |
Инаку, иако се води личен картон за секој судија, за постапките кои тој ги води, посебни казни за тоа нема. Единствена казна е доколку Судскиот совет поведе постапка за нестручно и несовесно работење, но никогаш досега ваква постапка не е поведена поради пресуда од судот во Стразбур. И соседна Србија најавува дисциплински мерки за судиите кои ги одолговлечуваат постапките, особено за оние за кои судот во Стразбур има донесено пресуда против државата. Според помошник министерката за правда Снежана Маловиќ – кај нив и сега има опомена за судијата за чиј предмет има донесено пресуда во Стразбур. Опомената се обележува во личниот картон на судијата, со што се ограничува напредувањето, а имало и судии на кои им било изречено отстранување од судот од месец до година. Меѓутоа, тамошното Министерство за правда планира да предложи и воведување на дисциплинска одговорност на судијата поради несовесно, нестручно и недостојно обавување на правосудната функција, која ќе биде регулирана со закон. Дека е крајно време да се донесе квалитетна нормативна мерка за судење во неразумен рок предупредува и Европската Унија, која смета дека ниту министерството, ниту надзорниот одбор, ниту пак судовите не располагаат со делотворни правни средства за санкционирање на судиите кои упорно грешат.
Извор: Вечер |