23.07.2007 Центарот за граѓански комуникации од Скопје денеска објави препораки за преземање мерки за стеснување на просторот за корупција во јавните претпријатија и установи. Потребата од преземање на предложените мерки произлегува од констатираниот широк простор за корупција во јавните претпријатија и установи што го овозможуваат слабата регулација на оваа сфера и партизацијата на овие институции, се вели во соопштението од Центарот за граѓански комуникации. До предложените мерки Центарот дошол преку истражување на формите, начините и чинителите на корупцијата во јавните претпријатија и установи, преку прибирање мислења и наменски експертизи на домашни стручњаци за мерките што треба да се преземат за намалување на корупцијата. Направени се и консултации со домашни јавни и приватни институции и организации. За предложените мерки земени во предвид се и решенијата и најдобрите практики што се спроведуваат во другите земји од регионот, ЕУ и светот, како и препораките од меѓународните институции и организации. Организирана е и завршна работилница со засегнатите страни за финализирање и приоретизирање на мерките на која е направено нивно адаптирање и конкретизирање. |
Предложените мерки на Центарот главно се однесуваат на пропишување подетални критериуми за избор и именување на членови во органите на управување во јавните претпријатија и установи, почитување на професионализмот во оваа област, воведување на поголема отчетност во работењето, како и за зголемување на одговорноста за членовите на органите на управување за остварените резултати од работењето. Предложените мерки, меѓу другото се однесуваат на тоа менаџерите на јавните претпријатија и установи задолжително да се избираат преку јавен конкурс и според нивните стручни квалификации и компетентност. Исто така, се бара доследно да се применува и почитува институцијата менаџерски договор во кој точно ќе се наведат правата, обврските и одговорностите во работењето на менаџерите. Се препорачува да се предвидат и подетални услови и критериуми што треба да се исполнат за едно лице да биде именувано или избрано за член на органите на управување во јавните претпријатија и установи, како и да се предвиди законска обврска за задолжително јавно објавување на податоците за идентификација и потврда на стручноста и компетентноста на членовите на органите на управување на јавните претпријатија и установи. Неопходно е да се воведе регистар за лицата кои се именувани или избрани за членови во органите на управување на јавните претпријатија и установи, како и да се воведе задолжително примопредавање на функциите при секоја промена на директорите на јавните претпријатија и установи. Се бара да се намали законски препорачаниот број на членови на управните одбори на јавните претпријатија од сегашните 5 до 15 членови на 3 до 5 членови. Се препорачува да се спроведат анти-корупциски обуки за вработените во јавните претпријатија и установи, како и да се донесе единствен Закон за фондови, наместо регулирање на одделните фондови со посебни закони. Предложените мерки за стеснување на просторот за корупција во јавните претпријатија и установи се дел од проектот за предлагање на мерки за намалување на корупцијата во најранливите области во Република Македонија, соопшти Центарот за граѓански комуникации од Скопје.
Извор: МИА |