30.07.2007 Академијата за обука на судии и обвинители во Скопје, од средината на септември почнува со едукација на 27 кандидати кои ги минале сите квалификациски и приемни тестирања. Обуката за правниците и адвокатите кои треба да се кандидираат за идни судии и обвинители ќе трае 15 месеци. Првите пет месеци ќе ги совладуваат теориските знаења од браншата за која се квалификуваат, а другите десет месеци се предвидени за практична обука во судовите, обвинителствата, но и во странство. На предавањата на македонски јазик едукатори ќе бидат судии и јавни обвинители, професори од Правниот факултет, од Штуловиот универзитет, експерти од установи. |
„По завршување на обуката очекуваме да излезат добри судии и обвинители. Поставените критериуми потврдија дека кандидатите располагаат со знаење кое треба да биде поткрепено со практична работа и со вежби на случаи“, вели директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија, Анета Арнаудова. Таа потенцира дека обуката била предвидена за 25 кандидати, но дека по приговорите за бодирањето Управниот одбор на Академијата одлучил да ја прошири квотата за уште две лица од етничките заедници. Според Арнаудова, проширувањето на листата не било на штета на поставените стандарди, бидејќи и тие го поминале прагот од 70 проценти одговорени прашања. Инаку, сите резултати по тестирањето минувале на оптички читач така што немало никакви можности за нерегуларности, вели директорката на Академијата за обука на судии и обвинители. Од првично пријавените 73 лица, квалификационен тест со 100 прашања од граѓанско, кривично, управно, уставно, меѓународно право и право на ЕУ полагале 71 кандидат. По првото прочистување, во приемен испит влегле 53 кандидати, а на ранг-листата останале 50 од кои 40 кандидати освоиле бодови повисоки од 70 проценти. На конечната листа за посетување настава се 27 кандидати.
Извор: Утрински весник |