01.08.2007 Половина од 84-те општини добија дозвола за влез во втората фаза од фискалната децентрализација и од есен ги преземаат надлежностите во образовната, социјалната и културната сфера. |
Општините кои влегуваат во втората фаза се Ѓорче Петров, Валандово, Кратово, Велес, Штип, Струмица, Конче, Илинден, Градско, Куманово, Аеродром, Неготино, Дојран, Кочани, Богданци, Јегуновце, Босилово, Свети Николе, Карбинци, Тетово, Гевгелија, Берово, Битола, Долнени, Кисела Вода, Карпош, Чучер – Сандево, Боговиње, Крушево, Бутел, Центар, Зрновци, Радовиш, Теарце, Прилеп, Ново Село, Дебар, Брвеница, Македонски Брод, Маврово – Ростуше, Чаир и Могила. Вкупно аплицирале 76 општини, а меѓу оние кои не покажале интерес за влез во втората фаза од фискалната децентрализација е и градот Скопје. Избраните општини од 1 септември оваа година, платите и надоместоците на вработените во образованието, локалните културните институции, детските градинки и домовите за стари лица, ќе треба да ги исплаќаат од општинските буџети. Во текот на август, општините ќе бидат известени за износот на блок дотацијата, со цел да можат да ги направат потребните подготовки за измени на буџетите и да се подготват за исплата и менаџирање, наведе Славески. Тој додаде дека процесот на фискална децентрализација останува отворен и во разни фази ќе може бројот на општини да се зголемува. Предвидено е 01.01.2008 година да биде ориентационен датум за влез во втората фаза за оние општини кои сега не се квалификуваа. „Централна власт особено ќе ги поддржи општините кои се уште не ги исполниле условите уште од првата фаза на фискалната децентрализација, а за општините кои имаат финансиски потешкотии ќе се преземат активности за нивно надминување“, соопшти министерот за финансии Трајко Славески.
Извор: Макфакс |