06.09.2007 Македонија го држи рекордот во Европа, ако не и пошироко, по бројот на судии, бидејќи еден судија се паѓа на околу 3.900 жители, додека европскиот стандард е еден судија на 30 илјади граѓани.
Со 520 судии, колку што официјално се избрани и работат во судовите, на два милиона и триесет илјади жители, колку што брои Македонија, таа е на прво место во Европа по бројот на судии по жител. Европските стандарди, според правните експерти, се да има еден судија на дваесет до триесет илјади жители. |
Но државата се уште нема да оди со пензионирање на судиите, чија просечна возраст е 52 години. Во Министерството за правда велат дека се свесни за рекордот на Македонија за бројот на судиите и оти во догледно време соодносот ќе остане како што е сега. Најавуваат дека преку процесните закони и преку основниот Закон за судовите е единствено можно да се намалат несуштинските надлежности на судовите, а со тоа и бројот на судиите. "Со реформите треба да се намали администрирањето на судиите во предметите, што ќе овозможи тие да се занимаваат само со водење судски претреси и да носат брзи и квалитетни пресуди", велат во Правда.
Високата цифра судии се оправдува со тоа дека до скоро дури 30 отсто од предметите отпаѓаа на судското извршување, појаснуваат во Министерството за правда. Законот за извршување се применува околу две години и веќе се чувствува растоварувањето на судиите од овие предмети, наведуваат упатените. Според нив, вистинско олеснување ќе се почувствува кога Царината, полицијата, министерствата и останатите органи на управа ќе почнат да судат и да носат одлуки за прекршоци кои досега беа во надлежност на судовите.
"За да се намали бројката на судиите, треба да се смени Законот за судовите, според кој, нели, не смее да има под пет судии во еден суд. За да почнеме да се доближуваме до европските стандарди, кога ќе се комплетира Судскиот совет, треба да се зафатиме и со реформи во судската структура. Се додека не го направиме тоа, за досегашните испразнети места, потоа за двајцата судии што ќе се пензионираат овој месец, за шестемина нивни колеги, кои одат во пензија во октомври, како и за тие по нив, ќе бараме пополнување на местата", вели Бекир Исени, претседател на Судскиот совет.
Исени смета дека бројот на судиите не може да се скастри со пензионирање, зашто смета дека ќе заминат повеќе од половина од сегашниот број, а Буџетот нема да може нагло да ги поднесе нивните пензии, кои би биле повисоки од просечните.
Извор: Вест |