13.09.2007 Доколку во иницијативата на поранешната влада на СДСМ до Антикорупциската комисија за преиспитување на договорот со ОКТА имаше и конкретни имиња на лица кои треба кривично да одговараат за неговата штетност и ако во изминатиот период Јавното обвинителство поведеше кривична постапка за некое лице, Македонија сега немаше да има потреба да и' плаќа на грчката компанија „Хеленик петролеум“ 53,4, односно со камати, 70 милиони долари по пресудата на Арбитражниот суд во Париз. Со овој став на завчерашната емисија „Чуму“ на А1 телевизија се согласија вицепремиерот Зоран Ставрески, претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, поранешниот министер за економија, Стевчо Јакимовски, и поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева. „Во иницијативата нема имиња на надлежни лица и нивни овластувања“, рече Тасева, која додаде дека тогашна оцена на Комисијата била дека станува збор за апсурден договор што нема никакви обврски за странскиот инвеститор. Останува до ден-денеска нејасно, рече Тасева, зошто Јавното обвинителство, иако ги имаше сите потребни документи за ОКТА, тогаш, ниту до ден-денеска, не поведе постапка за кривична одговорност. |
Според изјавата на тогашниот јавен обвинител, Александар Прчевски, дадена за весникот „Дневник“ овие денови, предметот за ОКТА четири години е без епилог поради системски слабости и Обвинителството нема одговорност за таквата ситуација. Прчевски додава дека Обвинителството барало дополнителни документи за ОКТА од повеќе институции, но не ги добило, поради што предметот за ОКТА останал во предистражна постапка. Нема никаква казнена одредба за недоставување документи и затоа институциите не ги почитуваат тие обврски. Затоа е потребно, според Прчевски, на Обвинителството да му се дадат поголеми овластувања за да може да се напредува во истражните постапки. „Нема никакви спектакуларности околу договорот со ОКТА, тој беше достапен до сите тогашни владини министри и до собраниските пратеници, како и подоцна на владата на СДСМ, заедно со анексите. А анексите не содржат ништо тајно, туку прецизираат како да функционира нафтоводот Скопје – Солун, каква е методологијата на цените, начините на плаќање од грчката страна и други технички работи. Тогашниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, кој сега вели дека нема ништо со случајот со ОКТА, всушност, беше главниот лобист за влез на ’Хеленик петролеум‘ во ОКТА, за да му обезбеди на својот пријател ексклузивно право на извоз на нафта во Косово“, рече поранешниот премиер Љупчо Георгиевски во емисијата. Во својата дискусија Георгиевски повеќе пати прашуваше зошто Јавното обвинителство досега не повело процедура за негово кривично гонење ако тој во јавноста постојано е посочуван како главен виновник за ОКТА. Договорот со ОКТА, според Тасева, има многу елементи на коруптивност поради бројните привилегии дадени на странската компанија и нејзино ставање настрана од сите домашни закони. Таа вели дека е многу симптоматичен и фактот дека меморандумот со ОКТА го потпиша Георгиевски на 29 март 1999 година, а веднаш следниот ден Собранието донесе измени во Законот за приватизација, кои стапија во сила веднаш следниот ден, за да може набргу потоа да се потпише купопродажниот договор со ОКТА. Шекеринска рече дека владата на СДСМ сакала да ја истера целата вистина за договорот со ОКТА и затоа ги доставила сите расположливи документи до Антикорупциска и до јавниот обвинител. „Владата на Љупчо Георгиевски со донесените измени во два закона – Законот за приватизација и Законот за ОКТА, всушност, изврши легализација на корупцијата во договорот“, рече Шекеринска. Стевчо Јакимовски забележа дека ако договорот со ОКТА бил поддржан од тогашната влада и од парламентот, тогаш тешко ќе може да се докаже коруптивноста. Тој рече дека пресудата за плаќање на 70 милиони долари не е поради раскинување на договорот од владата на СДСМ, туку поради негово непочитување, најмногу во делот за некупен мазут од 500.000 тони годишно, како што стои во договорот. Вицепремиерот Ставрески информира дека Владата има стратегија за настап со контратужба пред Парискиот суд, иако експерти тврдат дека не е можно да се поднесува жалба на арбитражна пресуда ако нема нови докази. Таа стратегија подразбира редефинирање на повластените позиции на ОКТА во однос на државата, оцена на стандардот на горивата и редефинирање во делот на договорената набавка од 500.000 тони мазут, поради што Македонија треба да плати дури 22 милиона долари, што е највисока ставка од пресудената сума.
Извор: Утрински весник |