03.10.2007 Македонија почна да создава фронт за борба против корупцијата, но уште многу треба да стори во јакнење на независноста на истражните и судските органи, на невладиниот сектор и на демократијата. Ова е оценка од конференцијата што во организација на Невладината организација „Транспарентност – Нулта корупција“ е одржана денеска во Скопје. На конференцијата за спроведување на Декларацијата за нула толеранција на корупцијата, што е потпишана пред две години, зборуваше доктор Слаѓана Тасева. На претставници на пет организации им беше врачена наградата за успешно корпоративно управување, што се доделува прв пат, во рамки на спроведувањето на Декларацијата за нула корупција. Добитници се две фирми од областа на ИТ технологијата – Дуна компјутери и Инет- АД, две банки – Прокредит и НЛБ тутунска, како и Еуролинк-осигурување. |
Од име на Кралството Норвешка кое го поддржува спроведувањето на Декларацијата за нула толеранција на корупцијата, конференцијата ја поздрави судијата Ева Жоли, специјален советник на министерството за правда. Госпоѓа Жоли стана позната во светот откако како истражен судија во Франција, соочена и со смртни закани, откри корупциски афери во моќни фирми – нафтената компанија Елф и банката Кредит Лион. Таа е носител на Наградата за интегритет на организацијата Транспаренси интернешнал, а во 2002. беше прогласена за европјанка на годината. На конференцијата за спроведување на Декларацијата за нула толеранција денеска зборува и претставникот на Министерството за правда Нуман Лимани, лидерката на опозициониот СДСМ Радмила Шеќеринска, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северо-западна Македонија Џемаил Даути и претставникот на невладината организација Полио плус Звонко Шаврески.
Извор: Макфакс |