11.10.2007 Обидот на Владата да потпише договор за продажба на термоцентралата Неготино со конзорциумот „Хач“ е најматен, а Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“(ТИ) е најбистар настан во септември во Македонија. Ова е оценка на главните уредници на 16 највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација Транспарентност – Нулта корупција. Вкупно 11 од 16 гласови во рубриката „матно“ се однесуваа на случајот „Хач“-втор пат, бидејќи овој случај беше и меѓу предлозите за најматни настани во август. |
„Владата дозволи продолжување на рокот за собирање на потребна документација на конзорциумот „Хач“ за потпишување на купопродажен договор за термоцентралата Неготино, иако овој конзорциум од страна на Владината група за проценка на тендерската документација веќе е одбран како купувач. Со тоа, Владата индиректно признава дека ги немала сите потребни документи при донесување на одлуката за продажба на термоцентралата, што создава сомневања за непочитување на процедурите предвидени во законите“ – се наведува во образложението кое беше прифатливо за најголемиот број од главните уредници.
На второ место со четири гласови во рубриката матно се најде случајот со т.н. хотелска ОКТА, додека еден глас доби откриениот случај на корупција во Бирото за стопански неразвиени подрачја. Во рубриката „бистро“ најмногу гласови доби Индексот за корупција на ТИ од Берлин за 2007 година, според кој, позицијата на Македонија на ранг листата се подобри за преку 20 места и сега го зазема 84.место од 180 рангирани земји. „Поместувањето на Македонија на ранг-листата од Transparency international е оценето едно од најголемите подобрувања на државите што се рангирани во изминатите години и не е резултат на зголемениот број на држави опфатени со истражувањата, туку на зголемувањето на индексните поени од 2,7 на 3,3. Македонија го дели 84-тото место со Босна и Херцеговина, Габон, Јамајка, Малдиви, Црна Гора, Тајланд, Швајцарија и некои други“ – се наведува во образложението што го прифатија 11 главни уредници. Вториот предлог, судското замрзнување на имотот на „Фершпед“ по барање на Правобранителството доби 5 гласови во рубриката „бистро“ Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за септември учествуваа телевизиите МТВ, А1, Телма, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Факти, интернет весникот Лоби, неделниците Глобус, Капитал и Фокус. |