17.10.2007 Конфискуваниот имот ќе биде нов извор за полнење на буџетот. Со привремено одземениот имот ќе стопанисува дирекција како правно лице, а директорот на ова тело ќе го именува Владата. Ова е суштината на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка веќе доставен во собраниска процедура. Според предлогот, кој ќе оди во две фази, парите од продажба на неподвижниот и движниот имот одземен со правосилна судска одлука, веднаш по правосилното завршување на постапката, ќе се слеваат во народната каса. Имено, 20 проценти од средствата ќе одат директно во буџетот, а по 20 отсто на буџетските ставки наменети за финансирање на судската власт, Јавното обвинителство, дирекцијата, која допрва ќе се конституира, и Управата за извршување на санкции. |
Новините во проектот предвидуваат по примањето на конфискуваниот имот дирекцијата да направи процена, при што може да користи услуги на специјализирани вешти лица. За висината на вредноста на одземениот имот дирекцијата има обврска да го извести надлежниот суд. Одлука за продажба на конфискуван имот донесува Владата по предлог на дирекцијата и со претходна согласност од надлежниот суд. Ако е одземен неподвижен имот со правосилна судска одлука, дирекцијата ја известува Владата, која во рок од еден месец може да донесе одлука за отстапување на неподвижниот имот на друг државен орган без надоместок. Имотот не може да се продаде по пониска цена од проценетата вредност. За продажба на хартии од вредност е потребна согласност и од нивниот сопственик. Привремено конфискуваните предмети од посебна историска, научна или уметничка вредност дирекцијата ги предава на чување во соодветна институција надлежна за чување вакви предмети. Скапоцените камења и благородните метали до правосилното завршување на постапката или до одлуката на судот за продажба ќе се чуваат во НБМ. Привремено конфискуваниот имот или одземените предмети му се враќаат на сопственикот во случај да не е донесена правосилна судска одлука. Тогаш сопственикот се обесштетува од средствата добиени од продажба на неговиот имот, зголемени за износот на просечна камата.
Извор: Утрински весник |