25.10.2007 Дваесетина обвинители повеќе две и пол години работат со истечен мандат, зашто политичарите не можат да се договорат дали тие треба да бидат реизбрани или за тие места да може да конкурираат други лица. Во Законот за јавното обвинителство од 2004 година, со кој се воведе траен мандат за обвинителите, пишува дека назначените обвинители ќе си ја вршат функцијата до истекот на мандатот, по што ќе бидат назначени на истите функции без ограничување на мандатот. Во Законот е нагласено дека постапката за назначување треба да почне шест месеци пред да истече мандатот. |
Советот на јавните обвинители посочува дека според Законот за јавното обвинителство, кој е во сила, Собранието е должно да го огласи назначувањето на јавните обвинители и на замениците во „Службен весник“ и во дневниот печат најдоцна 15 дена откако Владата ќе донесе одлука за утврдување на бројот на замениците. Иако Владата уште во март 2005 година донесла одлука за бројот на обвинителите во сите обвинителства во државата, обвинителите на кои им истекол мандатот се' уште не се ни реизбрани, ниту е распишан оглас за пополнување на тие места. Според „пописот“ на Советот на јавните обвинители, со истечен мандат се основните обвинители на Кичево и на Куманово, како и дваесет заменик-бвинители од Јавното обвинителство, од вишите обвинителства во Скопје и во Битола и од основните обвинителства во Велес, Куманово, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Скопје, Тетово и во Штип. Сите тие се на функциите како вршители на должноста и, според извори во Јавното обвинителство, одлуките што ги носат се валидни.
Извор: Дневник |