25.10.2007 Македонската влада нема да го потпише договорот за продажба нa ТЕЦ Неготино со конзорциумот Хач, кој победи на тендерот, бидејќи не ги исполнил сите услови. Ваква одлука донесе Владата на последната седница, соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски, кој беше претседател на тендерската комисија за приватизација на ТЕЦ Неготино. „Врз основа на извештајот на тендерската комисија и Mинистерството за економија констатирано е дека не се исполнети условите што Владата ги побара од прворангираниот конзорциум неопходни а склучување на договорот “, изјави Ставревски. Тој појасни дека одлуката е донесена врз анализа на извештајот, во кој што биле наведени сите услови кои требало да ги исполни конзорциумот, но истите не биле доставени. |
Конзорциумот, составен од четири компании беше обврзан, да достави полномошно за секоја членка, со која секоја одделно би одговарала со правата и обврските за потпишување на договорот, односно да гарантира за исполнување на договорот, рече Ставревски, додавајќи дека наместо тоа, било доставено полномошно само за еден член на конзорциумот. „Од приложеното владата не чувствува дека постои доволна гаранција дека сите четири членки стојат зад договорот и дека ќе гарантираат со својата актива и со своите биланси, како што било направено рангирањето“, појасни Ставревски, додавајќи дека уште три услови не се исполнети од страна на конзорциумот „Хач“. „Ние имаме добра намера, но конзорциумот не го испочитува тоа што се бараше од него“, рече Ставревски додавајќи дека владата била принудена да донесе ваква одлука заради заштита на државните интереси. Второрангираната компанија на тендерот „Сенкап“ покрена судска парница, со која бараше веднаш да се поништат резултатите од тендерот, заради неправилности. Ова е втора неуспешна приватизација на ТЕЦ Неготино, откако актуелната Влада го поништи договорот, потпишан меѓу претходната влада и австриски ЕВН, со кој термоелектраната беше продадена за четири милиони евра.
Извор: Макфакс |