06.11.2007 Македонија нема датум за преговори за членство во Европската унија (ЕУ) во најновиот извештај на Европската комисија објавен денеска во Брисел и тој момент е одложен најмалку за една година. „Македонија има голем прогрес во битката со корупцијата. Политичките конфликти што продолжуваат, малку го одолжуваат нејзиниот дијалог (со ЕУ) и затоа, овој политички дијалог ќе треба да се подобри, за да се подобри нивниот (на Македонија) моментум следната година во исто ова време“, изјави еврокомесарот за проширување Оли Рен при презентација на извештајот. Македонија во извештајот е пофалена и за економските реформи, а критикувана е за реформите во јавната администрација и правосудството. |
Европската комисија има критики и за работата на Собранието. Нема преодна оценка и за положбата на медиумите, за кои е оценето дека се предмет на политички притисоци. – Континуираните политички тензии во зeмјaта ги одложуваат реформите. Дијалогот меѓу партиите во парламентот треба да се води на мирен и конструктивен начин. Сите политички чинители треба да делуваат согласно Уставот и да соработуваат за да обезбедат ефикасен демократски процес. Позитивно, меѓу политичките критериуми, покрај борбата против корупцијата, оценети се донесувањето на законот за полиција и за верските заедници, како и човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права. – Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор продолжува да придонесува во консолидацијата на демократијата и владеењето на правото. Одреден напредок е направен во реформата на судскиот систем и одредени охрабрувачки резултати се направени во борбата против корупцијата. Човековите права и заштитата на малцинствата, вклучувајќи ги меѓуетничките релации се подобрени, се наведува во годишниот извештај. Констатирано е дека економската состојба е подобрена, растежот зголемен, инфлацијата ниска, но, проблем останува големата невработеност и широко раширената корупција. – Македонија добро напредува во економските критериуми и напреднала кон создавање на функционална пазарна економија. Економскиот раст е солиден инфлацијата останува ниска. Но, невработеноста останува голема, а пазарната економија е попречена од институционалните слабости. Запрашан во врска со проблемот што на Македонија и го прави Грција околу името и како тоа се одразува на европските интеграции на Македонија, Оли Рен изјави дека тоа е „билатерално прашање“ кое мора да се реши зашто тоа „навистина ни пречи во пристапувањето“.
Извор: Макфакс |