06.11.2007 Повторното воведување на категоријата привремени објекти со последните предложени измени и дополнувања на Законот за градење создава непотребен извор на можна корупција. На тоа упатува и досегашното искуство, па оттаму не е препорачливо враќање на привремените објекти. Ова е ставот на Државната комисија за спречување на корупцијата, која откако го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, констатираше дека и покрај неговата современост, бидејќи во себе содржи начини за решавање на дел од проблемите од областа на градежништвото, сепак, неговата содржина не е приспособена на нашите прилики, што придонесува тој да создава можности за злоупотреба во практичната примена. |
Според антикорупционерите, постоењето на привремените објекти претставува лесен извор на корупција, бидејќи тие можат да се постават каде било, на која било локација и таму да останат со години, а потоа да се иницираат одредени измени на детаљните урбанистички планови и нивно вклопување во нив, што се постигнува, пак, лесно со потплатување. Познато е дека секој објект може да се легализира само доколку се вклопи во урбанистичкиот план, а давањето законска можност да постојат привремени објекти за кои подоцна може да се бара да се трансформираат во трајни преку вклопување во ДУП претставува реална опасност за појава на коруптивни дејства. Во Антикорупциската комисија сметаат дека има потреба од законско уредување на поставувањето урбана опрема во градовите и во населените места, но се залагаат за стриктна дефиниција на она што претставува урбана опрема, а што привремен објект. Предлог-законот вели дека „привремен објект е урбана опрема (продажба на билети за јавен превоз, телефонски говорници, продажба на весници, сувенири, цвеќиња, сладолед, автобуски постојки, летни тераси со или без настрешници, рекламни паноа, клупи, корпи за отпадоци), која се поставува на градежно изградено земјиште“. Антикорупциска смета дека изразот „урбана опрема“ може непосредно да се користи без да се употребува изразот „привремен објект“, а Законот треба прецизно да наброи за кои и какви објекти се работи и да утврди строга и транспарентна процедура за нивно поставување. Какви ефекти ќе имаат сите овие забелешки на Државната комисија за спречување на корупција е неизвесно. Пред се', зашто доаѓаат малку задоцнето, бидејќи Предлог-законот е веќе во собраниска процедура. И самите антикорупционери велат дека интервенираат пост-фестум.
Извор: Утрински весник |