07.11.2007 Нема потпис на купопродажниот договор за земјиштето кај „Рамстор“ предвидено за изградба на луксузен хотел иако поминаа речиси два месеци откако невладиниот сектор и опозицијата за прв пат обвинија дека актуелната Владата го наместила јавното наддавање во корист на бизнисменот Орце Камчев. Во Министерството за транспорт и врски соопштија дека се чека за целиот случај да се изјасни Јавното обвинителство и дека тоа е главна причина што се одолжило потпишувањето на договорот. Оттаму додадоа дека фирмата-победник на јавното наддавање веќе ги уплатила потребните средства. |
Во септември, невладината „Транспарентност-нулта корупција“ обвини дека фирмата што победи на јавното наддавање немала право ни да учествува на тендерот. Оваа невладина организација утврди дека фирмата „ХЛХ МАЦ ЛЛП“ што победила на наддавањето, спротивно на условите во објавата, немала изградено ниту еден хотел.
Во Антикорупциската комисија тогаш изјавија дека фирмата-партнер на „ХЛХ МАЦ ЛЛП“ имала договор за изградба на хотел во Пјетерборо, Англија. Опозициската СДСМ обвини дека целата зделка била направена во корист на бизнисменот Орце Камчев. Како доказ за тоа тие посочија дека фирмата „ХЛХ МАЦ ЛЛП“ ДООЕЛ е лоцирана на иста адреса со фирма со Камчев и дека негов лојален работник бил ангажиран како управител во македонското претставништво на британската компанија. Во Антикорупциската тоа го протолкуваа како техничка работа поврзана со регистрација на фирми, што не ја засегнува работата на комисијата. Во Јавното правобранителство исто така не најдоа незаконитости во целиот случај.
Извор: Време |