09.11.2007 Владината рекламна кампања на домашен и на меѓународен план не спласнува. И покрај бројните настојувања на јавноста, на медиумите и на невладини институции да се даде отчет за потрошеното и за ефектите од кампањата, од официјалните места и натаму молк. Во најдобар случај, одговорите се сведуваат на своевидни ребуси, од типот дека бројките се во Буџетот. Владата, сепак, тврди дека процената на „Утрински“ за износот на кампањите е претерана, но не открива колку средства се издвоени за маркетинг-кампањите за привлекување странски инвестиции.
|
Од Владината инфослужба тврдат дека сумата потрошена за рекламите во странските медиуми е значително пониска од 15 милиони евра. Премиерот и досега се оградуваше од прашањето и тврдеше дека рекламите ќе се исплатат со првата странска инвестиција. „Максимум еден процент од првата инвестиција што ќе дојде во државава“, беше своевремено одговорот на премиерот за чинењето на кампањата „Инвестирајте во Македонија“. Следејќи ја формулата на премиерот, произлегува дека вкупниот износ на кампањите за привлекување странски инвестиции е 750.000 евра, што е еден отсто од вкупната најавена инвестиција на компанијата „Џонсон Мети“ во земјава. Сепак, имајќи предвид дека рекламата што ја промовира Македонија во престижниот весник „Интернешенел хералд трибјун“ се проценува на 14.736 евра дневно, првата странска инвестиција покрива мал дел од вкупните трошоци, посебно поради фактот дека „Инвестирајте во Македонија“ се промовира во повеќе меѓународни весници каде што рекламирањето е многу скапо. Според пресметката на премиерот, инвестицијата од британската компанија би покрила рекламирање во „Хералд трибјун“ за шест месеци, додека рекламите во „Економист“, „Фајненшел тајмс“, „Волстрит џурнал“ и другите странски медиуми би останале неплатени. Од Министерството за финансии посочуваат дека сумата е наведена во последниот ребаланс на Буџетот од октомври годинава. Во деталниот преглед на расходната страна на Буџетот не е наведена посебна ставка за рекламите, така што за точната сума одвоена од државната каса за реклами може само да се претпоставува. Во ребалансот за Агенцијата за странски инвестиции се одвоени дополнителни средства. Ако претходно Агенцијата добивала приближно 607.000 евра, со ребалансот се издвојуваат приближно 3 милиони евра. За ставката насловена како договори и услуги се наменети 600.000 евра, додека за програмата за странски инвестиции и промоција се одвоени 1 милион евра, кои се предвидени за плати на вработените, стоки, услуги, субвенции и трансфери. За ставката Агенција за странски инвестиции, пак, се предвидени 207 милиони денари или околу 3,3 милиони евра, сите предвидени за субвенции и трансфери. За трошокот за странските реклами Владата не молчи само пред медиумите туку и пред други институции, како што е Антикорупциската комисија. Оттаму велат дека, и покрај поднесеното барање, се' уште немаат информации за трошокот за кампањите. Покрај во странските медиуми, Владата активно се рекламира и на домашниот медиумски простор, промовирајќи резултати и едуцирајќи ги граѓаните за разни свои проекти. Владата ги правда трошоците за рекламите во домашните медиуми тврдејќи дека „за овие напори веќе добива сериозни меѓународни признанија“. Рекламите, пак, тврдат од Владата, се наменети за борба против корупцијата и се во прилог на граѓаните поради тоа што се промовираат телефонски броеви за пријавување корупција. Сепак, засега останува непознато зошто Владата ги троши државните пари за да промовира резултати од своето владеење, а целта на рекламите со слоганот „Остваруваме“ е нејасен. На крајот, се поставува прашањето за ефективноста и успешноста на рекламите во домашните и во странските медиуми. Од Агенцијата за привлекување странски инвестиции нагласија дека постои се' поголем интерес од страна на потенцијални странски инвеститори. Како најголем успех досега од Владата го потенцираат влезот на „Џонсон контролс“. Медиумите ја потврдија информацијата дека компанијата ќе остане во земјава поради тоа што Владата инвестирала 8,8 милиони евра помош на сметката на автомобилскиот производител за да почне со работа. Медиумите и невладините организации постојано тврдат дека Владата симулира успех преку маркетинг. Во прилог на тоа говори и заклучокот наведен во извештајот на НВО-инфоцентарот „Медиумско огледало“, во кој се заклучува дека дека „Владата симулира демократско владеење и божемен економски успех со помош на платената програма во медиумите“. Додека не се наведат концизни и точни информации за вкупниот трошок на рекламите во домашните и странските медиуми, институциите и јавните гласила ќе мора само да претпоставуваат за тоа колку ги чини граѓаните владината маркетинг-кампања која меѓу народот се нарекува „топ-шоп“ начин на владеење.
Извор: Утрински весник |