09.11.2007 Македонија, според индексот на рамноправност на половите е на 35-те место во светот, покажаа податоците на најновото истражување на Светскиот економски форум, кое опфаќа 128 држави. Првите места според рамноправноста на половите во економијата, политиката и образованието ги држат нордиските земји Шведска, Норвешка, Финска и Исланд, најлошо рангирана европска држава е Турција, а последните три места во светот ги делат Пакистан, Чад и Јемен. Од земјите во регионот најдобро е рангирана Хрватска на 16 место, Бугарија е 25-та, а зад Македонија се Словенија (49), Албанија (66), Грција (72) и Турција (121). |
Македонија, според истражувањето има 2,03 милиони жители и стапка на растеж на населението од 0,18 проценти. Бруто домашниот производ по глава на жител изнесува 6.405 долари, а односот машки-женски е 1 спрема 1. Македонките имаат право на глас од 1946 година. Од тогаш Македонија немала претседателка, а сега има 28 насто пратенички и 17 проценти министерки. Според економските критериуми жените во работната сила учествуваат со 48 проценти, но просечно заработуваат многу помалку од своите колеги. Жените имаат просечен годишен приход од 4.286 долари, а мажите од 8.943 долари. На раководни функции има 28 насто жени и 72 проценти мажи, додека во другите професии и технички занимања има повеќе жени (53 насто) од мажи (48 проценти). Што се однесува до невработеноста судбината на мажите и жените е слична. Невработени се 36 проценти жени и 37 проценти мажи. Според образованието во Македонија писмени се 94 насто жени и 98 проценти мажи. Во основно училиште се запишуваат 92 насто машки и исто толку женски деца, додека на факултет одат 33 насто жени и 23 проценти мажи. Во основното образование има 70 насто наставнички, во средно 53, а на факултетите 44 проценти професорки. Просечната старост на која жените стапуваат во брак е 23 години. Тие раѓаат просечно по 1,5 деца. Речиси сите, односно 98 насто од породувања се во болница. Во Македонија се раѓаат повеќе машки деца – од новороденчињата 48 насто се девојчиња, а 52 проценти се момчиња. На илјада новородени умираат 17 бебиња, а од 100.000 родилки умираат 13. Коефициентот на малолетни мајки е 23,46 од илјада девојчиња на старост од 15 до19 години. Очекуваниот животен век за жените е 65 години, а за мажите 62.
Извор: Макфакс |